Отворена и лесно комуницира со многу луѓе, но тешко дава влез во нејзиниот приватен живот. Лесно и често се смее, плаче на филмови или во лутина, но никогаш во криза, сака отворени луѓе и интересни разговори, сака да игра и пее, сака предизвик. Не сака игри зад грб, не сака губење време, не сака малодушност ниту алчност. Ова е Министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска. За интервју со 24 инфо вели дека среќава многу луѓе кои по десетина минути разговор и велат дека е различна од тоа каква ја гледаат на телевизија. Тоа и се случувало и на факултет, но и на пазар, на улица, на игралиште. Вели дека најверојатно се во право. На работа е одговорна, професионална и строга – пред се кон себе си. Се труди приватното и професионалното да ги држи одвоени (понекогаш повеќе, понекогаш помалку успешно), но знае: без нејзиното “засолниште” дома, без љубовта, поддршката и разбирањето од најблиските, би била едноставно не би била тоа што е и приватно и службено.
Нејзиното име име во последно време често се врти во јавноста како можен претседателски кандидат. Ја прашавме очекувано ли е и дали е дојдено време за жена Претседател на Македонија?
-Пред секои претседателски избори се вртат имињата на првите луѓе од партиите и власта, така и овојпат. Кога сте во жижата на политиката, јавноста ве врти, ве ротира од едно место на друго, шпекулира, претпоставува. Ме прашувате дали е дојдено време за жена претседател. Ќе почнам од нашето соседство. Видливо е дека Балканот забрзано се менува на тој план. Во Србија имаме жена премиер, во Хрватска жена претседател на државата, а во Словенија на пример добивме жена на чело на нивната армија. Само во Македонија може се уште да се видат фотографии од политички активности на кои не може да видите ниту една жена. Кога бев избрана за Министерка за одбрана, тоа го гледав и како уште еден чекор напред во освојување на просторот кој се сметаше за машки. На некои им беше тешко да асоцираат војска и армија со министерКА, а не министер… но, така се рушат стереотипите: со работа и резултати. Сакам побрзо да се освојува политичкиот простор, сакам повеќе жени на важни позиции, сметам дека најголемиот број ја оправдале довербата, задоволна сум кога кај младите девојки ја гледам желбата да успеат, да бидат подобри, да станат најдобри, да не се плашат, туку да ги рушат двојните стандарди.
Кога ме прашувате за шансите за наша претседателка, како жена, но и како граѓанин, жалам што тоа веќе не се случило и што сеуште се прашуваме “дали е време?”.
Госпоѓо Шекеринска ваше лично мислење за консензуален претседател на државата?
–Зависи што подразбирате под тој термин. Разбирам дека по многу поделби и кавги, можноста за консензуален кандидат делува како освежување. Но, каде ќе ја поставиме лествичката? Консензус меѓу различните заедници или партии? Консензус меѓу граѓаните или лидерите? Според мене, наместо претседател создаден од консензус, на Македонија и треба претседател кој ќе создава консензус. Кој ќе знае да слуша без да е нечиј послушник и ќе знае да разговара без да го слуша само својот глас. Кој ќе ја претстави Македонија во ново светло: како модерна држава која разликите ги гледа како предност, која знае да ги решава своите проблеми и носи одлуки, а не бара оправдувања.
Подготвена ли е АРМ за членство во НАТО?
– Кратко и јасно – да. Членството во НАТО беше една од целите што си ја поставивме кога стапивме на нашите нови должности, и јас од првиот мој работен ден во Министерството за одбрана, се посветив на нејзиното исполнување. Како прво, се заложив во Владата за зголемување на буџетот на одбраната и успеав: буџетот порасна 15 проценти, а во 2019 уште 33 проценти. Без доволен буџет не можете да правите ништо. Видов и разочарани и демотивирани припадници на АРМ и веднаш презедов мерки тие да добијат зголемување на платите: во 2018 за 10 проценти, а во септември дополнителни 5%. Потоа следуваа планови и нивна реализација за нови униформи, нови чизми за војниците кои со години наназад не беа обновени. Ја подобривме состојбата и на планот на опременоста и капацитетите на АРМ, ставање во функција на хеликоптерите од воздухопловната единица. Во рекордно време го донесовме и најважниот документ за развојот и модернизацијата на Армијата согласно НАТО стандардите – Стратегискиот одбранбен преглед и неговата имплементација веќе е започната. АРМ е првата што беше подготвена за во НАТО. Армискиот персонал е во постојани релации со Алијансата и преку нашето учество во меѓународните мисии, кое патем годинава исто така го зголемивме.
Очекувате ли да помине гласањето за уставни измени?
–Македонија изоде долг и тежок пат до гласањето за уставни измени. И тоа за кратко време. И можам без претерување да кажам дека за тоа кратко време од година и пол додека го одевме тој пат, нашата татковина созреа и се измени. Како и секоја друга промена, промените беа болни. Но мислам дека производот од тие процеси е свеста на граѓаните дека државата мора да претрпи промени ако сакаме да живееме добро. Јас би рекла дека се она што требало да се направи во изминатите три децении, а не се направило, се прави сега и затоа тоа не е лесно. Јас очекувам и порачувам да помине гласањето за уставните измени, бидејќи тие се финале на тој тежок процес низ кој сите ние го поминавме. И убедена сум дека ќе дојдеме до целта.
Што Ве прави среќна и имате ли хоби во слободно време?
– Јас сум среќна и за среќа ми требаат основни работи: здравје и луѓе кои ме сакаат и кои ги сакам.
Се разбира, често мечтаам за неколку обични работи: да седнам со книга во раце и непречено да прочитам барем 100 страници. Затоа што цел живот (пред политиката) така читав: брзо, без запирање, во еден здив. Сега тоа ми се случува само во авион: нема телефон, нема интернет (дури и кога може, се правам дека не го гледам знакот), нема прекинување.Гледам филмови, одам во кино, вежбам пеење со Бобо и цртање и математика со Ада, а мирот во Маврово ми треба повеќе од било кое далечно патување.
Имате ли новогодишна желба приватна и професионална?
– Звучи како клише но навистина мојата приватна желба е и следната година да ми помине во здравје и љубов со семејството. Професионално, ќе бидам среќна кога ќе го дигнеме македонското знаме покрај знамињата на останатите членки во седиштето на НАТО во Брисел.
Каде за Нова година?
– Во домашна атмосфера, во Маврово.
Како се слави Бадник и Божиќ во вашто семејство и дали се почитува традицијата?
– Пред десетина години, научив да го правам лепчето со паричка и тоа не го пропуштам. Играме фер, не ја местиме паричката, ама сите навиваме Ада да ја добие. Потоа вртиме телефони кај бабите и дедо да се пофалиме кому му паднала паричката. На Бобо вистинското име му е Божидар, па празникот го славиме и како именден.
Важите за една од најдобро облечените политичарки кај нас да не речам дека сте модна икона меѓу нив. Сакате ли брендирани парчиња и каде набавувате гардероба?
Не се согласувам со Вашата констатација, но нема ни да протестирам. Јас сум жена, а жените воглавно сакаат да бидат добро облечени и да добиваат комплименти за тоа. И спротивно на очекувањата, брендираната облека не ми прави толку ќеиф како комбинацијата на нешто практично и нешто поинтересно/ поубаво. Купувам најчесто во Сити мол или Рамстор, бидејќи кога сум на пат, секогаш сум во трчање. Задоволна сум кога ќе видам и убава облека во македонска изведба. Не сакам да наведувам конкретни модни компании за да не излезе дека фаворизирам, но добро е што сето тоа што ми е потребно, значи добри здолништа, панталони и сакоа, кошули, па и чевли, можам да го најдам и купам во Скопје, Куманово, Штип …
Валентина Ангеловска