Денес завршува рокот за легализација на бесправно изградени објекти. Надлежните велат дека продолжување ќе нема откако граѓаните лани добија уште една можност за легализација за своите куќи и деловни простории за кои немаат документи. Засега не се знае што ќе се случи со сите кои нема да поднесат документи, дали и кога ќе им се уриваат објектите кои имаат статус на дивоградби.
-Денес е последен ден од можноста која ја имаа граѓаните да ги средат документите и да ги легализираат објектите. Продолжување ќе нема, децидени се за 24 инфо од ресорното министерство.
Според официјалните податоци согласно Законот за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, во Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, досега се легализирани, односно запишани во катастарот на недвижности вкупно 213.922 објекти.Од нив 68.516 во Скопје, 14.915 во Прилеп, во Битола 11.736.
Цела работа започна во 2011 година кога тогашната Влада донесе Закон за легализација на бесправно изградени објекти. Рокот за легализација беше неколку пати продолжуван, а последен пат беше лани во јуни. Тогаш сегашната Влада им даде уште една можност на тие кои воопшто не поднеле документација да ја почнат постапката и да поднесат елаборати.
–Министерството за транспорт и врски по извршената теренска анализа и непосреден контакт со засегнатите странки утврди дека во Република Македонија, процентот на легализирани дивоградби е на ниво околу 40 проценти или околу 186 илјади објекти кои што се легализирани или запишани во Катастар, изјави тогаш министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Според него тогаш немаше никакви компликации, општините да превземат обврска да ги информираат сите граѓани чии апликации не се валидни, за истите да поднесат ново барање со целосна документација.
-„Констатиравме дека во најголемиот број случаи заради обемна и сложена административна постапка граѓаните не успеале во предвидениот рок да го остварат своето право“, додаде тогаш Сугарески.
Од март 2011 година со донесувањето на Законот за постапување со бесправно изградени објекти беа донесени повеќе изменувања и дополнувања вклучувајќи и измени во рокот за поднесување и комплетирање на барањата со поднесување на елаборати. Целта на законот е да им се даде можност на сите лица, кои, од било кои причини не успеале досега да достават барање за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект или пак да го комплетираат, да добијат можност во пропишаниот рок тоа да го направат, под истите услови кои важеле и досега.
Валентина Ангеловска