Британското Министерство за надворешни работи го објави годишниот список на најбизарни барања кои дипломатите во амбасадите на Велика Британија во светот ги добивале во 2018 година.
„Гардијан” пренесува дека неименуван жител на Делхи се јавил во британската Амбасада во индискиот главен град затоа што имал очајничка потреба да јаде колбас од зеленчук, а слушнал дека Амбасадата има таков колбас во своите резервни намирници.
Друг маж ги контактирал дипломатите на Форин офисот и прашал дали во Полска има вампири откако една девојка која ја запознал преку интернет му барала да и каже која е неговата крвна група пред да се запознаат во живо.
Од британски државјанин на летување во Шпанија во Амбасадата стигнало барање во хотелот да се издејствува замена на собата откако улична мачка влегла во собата и направила „беља” на креветот.
Во британската Амбасада во САД од сонародници пристигнало прашање за тоа кој победил во најновата емисија „Танц со ѕвездите” емитувана во Британија.
Од Британци кои се подготвувале за сопствената свадба во Италија до Амбасадата дошла молба да им помогне да го видат папата.
„Гардијан” наведува дека ова биле само некои од барањата до дипломатите од луѓе кои имале изненадувачки слаба претстава за тоа што спаѓа во доменот на помош која британските амбасади во светот можат да ја дадат.
– Со жалење потврдувам дека Форин офисот не е во состојба да понуди услуги кога се во прашање вампири, улични мачки, ниту учесници во „Танц со ѕвездите”. Исто така нашиот капацитет за снабдување со колбаси со зеленчук се уште, за жал, не постои, се наведува во соопштение на британското Министерство за надворешни работи.
„Гардијан” наведува дека тоа не било крајот на барањата меѓу кои имало и некои малку вознемирувачки како она кое дошло од маж во Аргентина заинтересиран за список на жени со кои би можел да се ожени.
Покрај тоа, до британските амбасади биле испратени прашања за помош во поврзување на Интернет, а едно лице се јавило затоа што не му бил јасен заплетот на филмот „Храбро срце”.
На сите овие повици одговорот бил ист – дека амбасадите се во состојба да помогнат само во итни ситуации како што се посети на луѓе кои се во болница или во затвор, како и давање информации за локални адвокати, преведувачи и лекари.
Форин офисот во 2018 примил повеќе од 330 илјади повици од луѓе на кои им била потребна некаква помош во странство.
„Гардијан” потсетува дека Форин офисот неодамна беше предмет на критика од страна на семејства на Британци кои завршиле во затвори во странски земји, поради начинот на кој реагирал во такви случаи.
Меѓу лицата кои критикуваа беше и сопругата на студентот Метју Хеџис кој беше во затвор во Обединетите Арапски Емирати, а која тврдеше дека британските власти не ги исполниле обврските кон нив.