Германската канцеларка Ангела Меркел во новогодишното обраќање до нацијата порачува дека Германија во 2019 година ќе продолжи да се залага за глобално решавање на предизвиците, нагласувајќи дека Берлин „мора да преземе поголема одговорност во светот”.
Во снименото обраќање, што ќе биде емитувано вечерва, Меркел нагласува дека вниманието на Германија во новата година првенствено ќе биде насочено кон климатските промени, контролата со миграцијата и борбата против тероризмот.
– Сакаме да ги решиме сите овие прашања поради нашиот сопствен интерес, а тоа можеме најдобро да го направиме ако ги земеме предвид и интересите на другите, истакнува Меркел во пораката.
Сепак, според неа, сите во светот не го споделуваат ваквото мислење, што предизвикува притисоци во меѓународната соработка.
– Во таква ситуација мораме да станеме, да се залагаме и да се бориме за нашите убедувања и мораме да преземеме поголема одговорност пради нашиот сопствен интерес, смета Меркел.
Таа нагласува дека Берлин се залага за „глобални решенија во ОН” и сака ЕУ да биде „многу посилна и способна самата да носи одлуки”, која ќе го задржи „блиското партнерство” со Велика Британија.
Во обраќањето до своите сонародници, Меркел им порачува на изборите за Европскиот парламент во мај идната година „да придонесат ЕУ да остане проект на мирот, благосостојбата и безбедноста”.
Осврнувајќи се на нејзиното повлекување од местото лидер на владејачката Христијанско демократка унија (ЦДУ), Меркел потенцира дека планира да остане на местото канцелар до крајот на сегашниот мандат во 2021 година.
– Демократијата живее од промени. Го градиме она што ни го оставија нашите претци и ги обликуваме работите во сегашноста за оние што доаѓаат по нас, истакнува Меркел во новогодишното обраќање до Германците.