Македонија во 2018 – политички исчекор кон соседите и евроинтеграциите

Годината што изминува за Република Македонија на политички план се оценува како историска. Епитетот го заслужи со Преспанскиот договор за решавање на спорот за името со Грција, со чија имплементација се создаваат услови за деблокирање на европските и евроатлантските интеграции на земјата, по речиси тридецениска блокада.

Парафот на документот на 17 јуни во местото Нивици на грчката страна од Преспанското Езеро го ставија шефовите на македонската и на грчката дипломатија Никопа Димитров и Никос Коѕијас во присуство на премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас, шефицита на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини и медијаторот на ОН во спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц.

Со Преспанскиот договор и со Договорот за добрососедство потпишан со Бугарија на 1 август минатата година, Македонија успеа да ги релаксира односите со соседите и да ја отстрани и последната пречка на патот кон остварување на стратешките цели – членство во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Договорот за името беше оспорен и оценет како предавство на националните интереси од опозициите во двете земји, но  ја стави Македонија во фокусот на светските медиуми и доби силна поддршка од меѓународната заедница.

Неговата ратификација во Собранието на 20 јуни годинава (без присуство на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ) го отвори патот за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ како и официјална покана за членство во НАТО.

Советот на ЕУ на 27 јуни одлучи на Македонија да ѝ додели условен почеток на преговорите за пристапување во Унијата. Доколку земјата го задржи реформскиот напредок, особено во делот на итните реформски приоритети, преговорите треба да ги започне во јуни 2019 година.

На 11 јули, пак, на самитот на НАТО во Брисел Македонија ја доби долгопосакуваната покана за членство во Алијансата. Услов останува имплементацијата на Преспанскиот договор.

За Договорот за името со Грција на 30 септември 2018 година во земјава се одржи и консултативен референдум. На референдумското изјаснување не беше постигнат потребниот цензус од 50 проценти, Гласаа 36,9 отсто од запишаните избирачи, или 666.743 гласачи, но над 90 проценти се изјаснија „за” по прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција”.

Несогласувањето со Договорот за името во Нивици и особено подготовките на референдумот за изјаснување на граѓаните по него ги обележаа појавата и протестите на движењето #Бојкотирам, кое го сочинуваат повеќе здруженија, НВО и вонпарламентарни партии, а доби поддршка и од здруженија на Македонците од дијаспората. За дел од аналитичарите кампањата на Бојкотирам на социјалните мрежи придонесе за слабиот одѕив на референдумот на 30 септември.

Но, Македонија продожи со имплементација на обврските од Договорот од Нивици. На 19 октомври во Собранието со двотретинско мнозинство се изгласа потребата од донесување на уставните измени. Се очекува процесот да ја помине и последната трета финална фаза со нивно изгласување најдоцна до 15 јануари наредната година, по што процесот треба да се пресели во грчкиот Парламент.

Во тензична атмосфера на 14 март годинава вторпат беше донесен Законот за јазиците (првпат беше изгласан на 11 јануари). Претседателот Ѓорге Иванов, и покрај уставната обврска да стави параф, не го потпиша указот за прогласување на закон. Образложи дека тоа не му го дозволуваат совеста и Уставот.

Претседателот на Парламентот, Талат Џафери, најави дека на почетокот од идната година Законот за јазиците заедно со Законот за ратификација на Договорот од Преспа по изгласувањето на уставните измени ќе бидат објавени во Службен весник без потписот на претседателот на државата.

Во делот на судството годинава беше донесена и првата правосила пресуда за криминал од висок профил. Поранешниот премиер Никола Груевски за предметот „Тенк” на СЈО за набавка на луксузниот „мерцедес” беше осуден на двегодишна затворска казна. Непосредно пред да биде спроведен на издржување на казната, на почетокот на ноември, Груевски под сè уште неразјаснети околности со помош на унгарски дипломати, преку Албанија, Црна Гора и Србија, избега во Унгарија, каде што побара и доби политички азил. Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран во Македонија.

Предметот за настаните од 27 април 2017 во Собранието на РМ доби нов политичко-судски контекст. Македонското Собрание на 18 декември по скратена постапка со 95 гласа „за”, без против и воздржани го донесе Законот за амнестија за настаните од „27 април”. Според власта, целта е да се содаде амбиент за подобра комуникација помеѓу пратениците во еден важен момент за земјата кога треба да се донесуваат важни одлуки, без притоа да се промовира принципот на неказнивост.

Јавното обвинителство соопшти дека во законскиот рок се доставени вкупно 66 барања за амнестија. До овој момент е дадено позитивно мислење за 12 лица, меѓу нив и за петтемина пратеници.

Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања. За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година се обвинети вкупно 33 лица, меѓу кои и пет пратеници. Вкупно 31 лице се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата, а двајца за поттикнување.

Треба да знаете
Последни објави