Азески: Економијата навикна на чести избори, да не речам стана имуна

Сопруг на Билјана, балкански лидер, охриѓанец по потекло, водолија која се бори со постојани предизвици. Ова е Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Македонија. За себе вели дека никогаш не се гледа во политиката и никогаш не бил во неа и тоа не е голем предизвик за него. Во интервју за 24 инфо вели дека хоби му се книгите, контактите, пријателите и пешачењето покрај Вардар.

Крај на година е. Сумирани резултати за економијата за изминатата и очекувања за следната година!
По се она што се случуваше во изминатите години, срамежливо се наѕираат контурите за зголемување на бруто домашниот производ. Добро е што избегнавме рецесија, што се наоѓаме пред вратите на НАТО и што ја прогласивме 2019 за година на економијата. Плус, постигнавме консензус за првпат за две стратешки прашања – монетарната политика и извозот и диверзификацијата.

Се ближат претседателски избори. Како ова ќе влијае на економијата?

Економијата навикна на чести избори, да не речам стана имуна. Знаеме дека демократијата е процедура и дека без неа нема економски напредок. Спремни сме да го проголтаме и тоа.
Кога дојдовте на чело на комората рековте дека ќе ја направите со пет звезди? Го постигнавте ли ветеното?

Штом се уште се наоѓам на чело на најголемата, најстара и најмоќна бизнис-асоцијација, тоа значи дека не е остварено, Ако е завршен процесот на кадровска обнова, таргетирана програма и призната меѓународна позиција, се наоѓаме многу блиску до остварување на целта и до крајот на мојот мандат.
Се гледате ли себе си во политика?

Не, јас во политиката и никогаш не сум бил, и тоа не е мој предизвик. Политиката и јас сме два различни поими.

Од каде ја црпете енергијата. Постојано сте активен, патишта состаноци, набиена агенда до максимум?

Од искуството што е огромно за моите години, а мора да Ви кажам дека тие активности ми претставуваат и задоволство.

Кој е Бранко Азески приватно?

Сопруг на Билјана, прекрасна мајка на две деца, вработена и столб на фамилијата. Син на Благоја, 86-годишен господин со огромно искуство и со огромна енергија. Балкански лидер, охриѓанец по потекло, водолија која се бори со постојани предизвици.

Има ли хоби и што го релаксира во слободно време?

Хоби се книгите, контактите, пријателите и пешачењето покрај Вардар. Во последно време пасиониран велосипедист.

Новогодишна желба приватна и професионална?

Приватно-здравје, а професионално – остварување на проекциите за БДП.

Како се прославуваат Бадник и Божиќ во неговото семејство?

Како во секоја традиционална македонска фамилија.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави