В.д. градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, денеска на гинеколошкото одделение при општата Болница во Охрид го посети првото новороденче. Тој упати честитки кон мајката, Софија Бимбилоска. Во име на општината, тој и подари вредносен чек од 10.000 денари и пригодни подароци.
„На малиот Антонио му посакувам добро здравје, долг живот проследен со многу среќа и радост. Децата се нашата иднина, нема човек кој не се разнежнува кога ќе слушне ваква убава вест за нова рожба. Токму затоа сите ние ќе работиме и со низа проекти ќе допринесуваме во подобрување на условите за живот и развој на секое дете кое ќе гледа просперитетна иднина за себе во својот град и држава. Ако машкото дете е синоним за цврстина и бериќет очекувам дека ова детенце ќе ни најави плодна и среќна година за нашиов Охрид. Во оваа прилика упатувам честитки и до тимот кој работи на гинеколошкото одделение при Општата Болница во Охрид и до сите други вработени во болницата кои максимално се вложуваат и посветено работат во лечењето и подобрувањето на здравјето на сите пациенти“, изјави градоначалникот Георгиески.
Бебето е тешко 3,6 килограми и долго 51 сантиметар. Новороденчето и мајката се во одлична здравствена состојба. На гинеколошкото одделение во Охрид вчера се родило уште едно машко дете.