Изминатава година е оценета како историска за евроинтеграциите на Македонија, почнувајќи од април со позитивниот извештај на Европската комисија како резултат на сработеното речиси во сите области, потоа со јунските заклучоци на Советот на ЕУ за почеток на преговорите доколку Македонија го одржи реформскиот напредок, особено во делот на итните реформски приоритети, и почетокот на историскиот скрининг-процес во септември, со што земјава го почна маратонот за влез во Унијата.
Земјава на 17 април доби позитивен извештај од Европската комисија. Во изминатите два извештаи поради политичката криза, препораката беше суспендирана и условена со демократски реформи. Годинава, препораката беше чиста и безусловна, со што Македонија го исполни основниот демократски критериум за почеток на преговорите.
Препораката за почеток на преговорите за влез во Унијата и пофалби за напредокот во реформите и добрососедските односи, лично во Скопје во април ги донесоа еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.
Во јуни, пак, Советот на министри на ЕУ по долгата дебата за проширување, на која се разгледуваа препораките за преговори за Македонија и Албанија, одлучи да го отвори патот за старт на преговорите во јуни 2019 доколку Македонија го одржи реформскиот напредок, особено во делот на итните реформски приоритети.
По јунските заклучоци на Советот на ЕУ се отвори простор за историскиот почеток на подготовките за објаснувачкиот скрининг, што Македонија го почна на 27 септември во Брисел со со Поглавјето 23 Правосудство и фундаментални права.
За таа цел во Брисел на 27 септември отпатува 40-члена делегација составена од експерти од надлежните државни институции кои имаат надлежности во дадената област, предводена од главниот политички преговарач вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, а во нејзиниот состав беа и министерката за правда Рената Дескоска, главниот технички преговарач Бојан Маричиќ и експерти од Секретаријатот за европски прашања.
Скрининг-процесот е детален аналитички преглед на Европското законодавство во сите 33 поглавја во кои е групирано целокупното Acquis Communautaire (целото европско закондавство).
Аналитичкиот преглед за сите 33 поглавја ќе трае една година, до следниот септември, по што ќе следува продолжување на билатералниот скрининг и подготовката на скрининг-извештаите што ќе ги подготови Европската комисија, а ќе ги одобрат земјите членки на ЕУ низ пропишана процедура.
Во овој период вкупно над илјада експерти ќе учествуваат на 33 објаснувачки сесии на аналитичкиот преглед на европското законодавство кои вкупно ќе траат околу 70 работни дена.
Драган Тилев, државен советник за европски прашања и шеф на кабинетот на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, во разговор за МИА оценува дека на самиот почеток оваа 2018 година беше најавена како историска, и иако можеби не сме сосема свесни за тоа, навистина е историска.
– Прво, како резултат на успешно започнатите реформи во 2017 година, лансирани преку Планот 3-6-9 и продолжени со Планот 18, земјата се врати на евроатлантската траекторија, воспостави блиска комуникација со соседите што придонесе да се надминат децениските спорови и анимозитети со Бугарија и Грција, го ослободи медиумскиот простор, ја зголеми транспарентноста, и забразди подлабоко со реформите во клучните области правосудство, безбедност, јавна администрација и економија. Второ, со потпишувањето на Преспанскиот договор и надминувањето на спорот со Грција, се обезбеди покана за членство во НАТО и јасен план за обезбедување на одлука за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ во 2019 година. И трето, можеби и најважно, се врати ентузијазмот кај администрацијата, па и пошироко кај населението, дека нашите стратешки цели се остварливи, и дека се отвара перпсектива за економијата, нови работни места и повисок животен стандард за населението. Всушност, нашето членство во НАТО и ЕУ е нераскинливо поврзано со нашиот економски развој и креирање на стабилна предвидлива бизнис околина, вели Тилев за МИА.
Потсетува дека годинава почна со фебруарската Кредибилна стратегија за проширување на ЕК на претседателот Жан Клод Јункер, продолжи во април со позитивниот извештај на ЕК и деветтата по ред препорака за почеток на пристапните преговори, продолжи со успешниот Софиски самит и позитивната софиска агенда во насока на забрзување на процесот на интегрирање на регионот во ЕУ, кулминираше со јунскиот заклучок на Советот на ЕУ, потврден од Европскиот совет, со кој за првпат на Македонија и се даде јасен патоказ до одлуката за почеток на пристапните преговори следниот јуни 2019 година.
Како резултат на нашиот напредок, посочи Тилев, Европската комисија во септември оваа година ги започна длабинските анализи и заедничкото читање на европското законодавство, почнувајќи со поглавјата 23 (Правосудство и Фундаментални права) и 24 (Правда, слобода и безбедност).
– Ваквиот позитивен развој, нашиот напредок во реформите и влегувањето во последната фаза од процесот, овозможува да заклучам дека имавме успешна година и одлични резултати. Сепак, мора да нагласам дека оваа последна фаза од процесот ќе потрае повеќе години, а колку, пред се тоа ќе зависи од нас самите, од нашите политички амбиции, но и од капацитетите и способноста на нашата администрација, рече Тилев за МИА.
Во однос на очекувањата за 2019 година во поглед на евроинтеграциите, Тилев вели оти нема причина да не бидеме оптимисти, но претпазливи оптимисти.
– Од една страна продоложуваме со процесот на имплементација на Преспанскиот договор, со уверување дека и Грција ќе го реализира својот дел, и продолжуваме со реформите во клучните области од Планот 18, што во комбинација за нас би значело брзо членство во НАТО и одлука за почеток на пристапните преговори во јуни, односно официјален почеток до крајот на 2019 година. Во меѓувреме продолжуваме со читањето на европското закондавство во сите останати поглавја во текот на 2019 година, и интензивно се подготвуваме за следната фаза од процесот, односно за т.н билатерален скрининг, кога нашите институции ќе реферираат во Брисел за нивото на нашата усогласеност со европското законодавство во сите поглавја.
Тој оценува дека ова е реално сценарио, но не би било сериозно доколку не ги земеме предвид и ефектите од Брегзит во март и изборите за Европскиот парламент во мај наредната година, како и преговорите за Новата финансиска перспектива 2021-2027 (Буџетот на ЕУ), изборот на новиот Претседател на ЕК и составот на новата Комисија.
– Предизвици имало и ќе има и натаму, но најважно е да се фокусираме на нашите цели и на домашните реформи, бидејќи сепак, реформите ги спроведуваме пред се за нас самите, заклучува Државниот советник за европски прашања за МИА.
Македонија од 2005 година е кандидатка за членство во ЕУ.
Македонија во 2001 година прва од регионот ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во 2004 година аплицираше за членство, а во декември 2005 година се стекна со статус земја кандидат.
Во 2009 година, по неколку продлабочени реформи во клучните области, ја доби првпат и препораката на Европската комисија, паралелно и со либерализираниот визен режим и оттогаш наваму девет пати по ред, заклучно и со оваа препорака во 2018 година, ЕК препорачува Македонија да ги почне пристапните преговори, но од познати политички причини досега тоа не се случи.
Препораките на Комисијата во 2015 и 2016 година беа условени препораки – условени со Пржинскиот договор, имплементацијата на итните реформски приоритети и спроведување коректни избори.
Европската комисија во извештајот за земјава на 17 април годинава препорача Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.
Европскиот совет на 26 јуни годинава ја поддржа одлуката за условно отворање на преговорите со Македонија, што треба да почнат во јуни 2019 година. Тоа ќе зависи од исполнување четири услови – спроведување на итните реформски приоритети, спроведување на договорот за името, позитивен извештај на Европската комисија и одлука на Советот на ЕУ.
Доколку се исполнат условите, првата меѓувладина конференција би почнала пред крајот на 2019 година.