Албанскиот премиер, Еди Рама во својата новогодишна порака до граѓаните изјави дека отворањето на границата со Косово е само почеток. Тој додаде дека во план е иста постапка кога станува збор и за Македонија, за Црна Гора, и Грција.
„Верувам дека на пролет границата меѓу Албанија и Косово ќе биде во согласност со Шенгенскиот договор. Во блиска иднина го очекуваме истиот принцип и модификација на границите со Македонија, Црна Гора и Грција. Таквата практика ќе продолжи се до влегувањето во ЕУ“, рече Рама, објави „Спутник“.
Претходно и косовскиот премиер, Рамуш Харадинај на својот „Фејсбук“ профил напиша дека од тој ден косовската граница со Албанија не постои.
„Од денеска па натаму, не постои косовска граница со Албанија. Ќе имаме само една заедничка станица. Работата ќе продолжи и во март ќе влеземе во втората фаза од целосната елиминација на границата меѓу Косово и Албанија, врз основа на Шенгенските принципи“, напиша Харадинај.
Во пресрет на новогодишните празници статус на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави и косовскиот претседател, Хашим Тачи.
Тој напиша дека годината која ја започнуваме ќе биде година на отворање на границата на Косово и Албанија.
Претседателот Тачи, исто така посочи дека 2018 година е година на Косовската армија и дека 2019 година ќе биде година на отворање на границата со Албанија и постигнување на конечен договор помеѓу Белград и Приштина.