Русија останува верен партнер на Србија, порача рускиот амбасадор во Белград, Александар Чепурин во пресрет на посетата на шефот на руската држава на Србија. Тој порача дека претстојната средба на претседателите на Србија и Русија, трета за девет месеци, ќе биде потврда за взаемната доверба и разбирање, но и можност да се укаже на потребата двете земји да ги штитат националните интереси во согласност со своите потреби, а не да се задоволуваат интересите на Западот.
Чепурин навел дека Косово ќе биде високо на агендата на разговорите меѓу двајцата државници.
Тој нагласил дека пред двете земји е грандиозна задача за економска и социјална обнова, како и задача за дефинирање на политиката на ефикасна заштита на сопствените национални интереси.
Посетата на Путин на Србија е планирана како одговор на повикот на претседателот Вучиќ, но и во согласност со редовните контакти меѓу двајцата лидери, додал Чепурин, кој најави дека за време на разговорите ќе бидат разгледани и актуелните прашања во билатералните односи за да се најдат можности за проширување на соработката.