Јапонскиот цар Акихито, кој ќе абдицира во април, го одржа своето последно новогодишно обраќање на балконот на царската палата во Токио, пред десетици илјади луѓе.
Акихито, царицата Мичико и други членови на семејството топло и отпоздравуваа на толпата од балконот на палатата во центарот на главниот град.
„На почетокот на новата година се молам за мир и среќа на луѓето од нашата земја и светот“, рече Акихито во својата последна новогодишна порака.
Принцот Нарухито и принцезата Масако, исто така присуствуваа на новогодишното обраќање.
Осумдесет и петгодишниот цар ќе абдицира на 30. април. Престолот на хризантемите ќе го наследи неговиот син Нарухито на 1. мај.
Инаку, последниот јапонски цар кој абдицирал бил Кокаку во 1817 година.