Сондата „Њу хорајзонс“ на американската вселенска агенција НАСА успешно помина крај најоддалеченото небесно тело кое релативно одблиску го испитале луѓето, а тоа е мал леден објект во форма на кегла.
Десет часа по блиската средба на 6,4 милијарди километри од Земјата, контролорите на летот во местото Лорел во сојузната американска држава Мериленд примија порака и фотографии од „Њу хорајзонс“.
„Не знам за вас, ама мене досега многу ми се допаѓа 2019 година“, рекол водечкиот научник на мисијата, Алан Стерн, додавајќи дека сондата „Њу хорајзонс“ го спровела досега најоддалеченото истражување во историјата на човештвото и тоа го направила спектакуларно.
„Њу хорајзонс“ помина покрај малиот небесен објект Ултима Туле, три ипол години по спектакуларното минување покрај Плутон. Научниците велат дека ќе бидат потребни речиси две години „Њу хорајзонс“ да ги испрати сите податоци од набљудувањето на Ултима Туле, која се наоѓа 1,6 милијарди километри зад Плутон. Од таа оддалеченост потребни се шест часа за радио сигналите да стигнат до Земјата.
За Ултима Туле не се знаело кога сондата „Њу хорајзонс“ била лансирана од Земјата во 2006 година. Според информациите, Ултима Туле е издолжено тело со димензии 35 на 15 километри кое ротира, иако научниците сè уште не знаат со која брзина.
Научниците велат дека постојат две можни објаснувања за формата – или е еден објект составен од два дела или се два објекти кои орбитираат еден околу друг на изненадувачки мала раздалеченост, што е помалку веројатно.
Одговорот на ова прашање би можел да стигне од сликите со висока резолуција од „Њу хорајзонс“. До февруари би требало да пристигнат фотографии во боја кои треба да покажат дали Ултима Туле има прстени или сателити, како и тоа каква му е површината.