Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг испратил писмо до премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас со барање двете земји обврските од Преспанскиот Договор да ги завршат до 15 февруари, пишува „Катимерини“ во текстот со наслов под наслов „Скопје забрзува – не е исклучена можноста да го ратификуваат Договорот од Преспа до 10 јануари“
„Се чини дека премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев, го забрзува процесот на спроведување на договорот Скопје откако генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, наводно, испратил писмо до Скопје и Атина, повикувајќи договорот да биде одобрен во двата парламента до 15 февруари за да може оваа балканска нација може да се приклучи на Алијансата без понатамошно одложување“, наведува „Катимерини“.
Весникот потсетува и дека портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, изјавил дека Ципрас по 18 јануари ќе одлучи кога Договорот ќе биде поднесен за ратификација во грчкиот парламент.
-Според добро информирани извори, НАТО посакува најбрз можен процес. Секако според истите извори, постои писмо од Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој бара завршување на процесите во целост и во двете престолнини до 15 февруари 2019, пишува весникот и објаснува дека барањето од НАТО за брзо завршување на процедурите се должи на изборниот циклус во кој влегува Грција.
Во Грција во изминатиот период се појавија сценарија и шпекулации дека официјална Атина, би можела ратификацијата на протоколот за членство на Македонија во НАТО да ја остави за по изборите, односно тоа да биде обврска за следната грчка влада.
Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, во интервјуто за радиото „Њуз 247“, категорично ги демантираше овие информации.