МВР цела 2018. беше во процес на реформи, годинава се најавува трансформираната УБК

Незаконското прислушување на над 20 илјади лица во Македонија, што со години го спроведувала поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ, а на почетокот на 2015 година го објави тогашниот лидер на опозицијата, сега премиер Зоран Заев, преку проектот „Вистината за Македонија” беше иницијалната каписла за почетокот на целиот реформски процес што почна да се спроведува во земјава во насока на усогласување со европските норми и заживување на демократијата.

Се отвори прашање дали навистина живееме во демократска земја, во која граѓаните ги уживаат своите со Устав и закон загарантирани слободи и права. Децидно, преку формулацијата „заробена држава” во својот извештај за состојбите во Македонија многу сликовито оваа состојба ја опиша Рајнхард Прибе, кој освен констатациите даде и многу јасни препораки за тоа што треба под итно да се направи за земјата да може да се врати на патот на демократијата и развојот.

Како приоритети беа посочени реформите на безбедносно-разузнавачкиот систем, правосудството и јавната администрација. Министерството за внатрешни работи се најде во центарот на реформскиот процес и доби голема одговорност за враќањето на демократијата во земјата.

Новата Влада е отворена за реформските процеси, ја вклучува јавноста и невладиниот сектор во креирање политики за добро владеење, но сепак таа треба повеќе да се фокусира на спроведувањето, а не само на носењето стратегии и закони, беше една од забелешките на учесниците на неодамнешната дебата посветена на патот на Македонија кон ЕУ, на која присуствуваше и македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој тогаш одговори дека колку и да звучи како клише Владата морала да носи стратегии за различни сфери, затоа што немало оставено такви насоки за дејствување од претходната, која, како што рече била насочено единствено кон стратегијата за одлевање на парите на граѓаните надвор од државата.

Формирана ОТА, УБК надвор од МВР со вработени без полициски овластувања

Во периодот кој измина акцент се стави на прислушувањето, се направи деконцетрација на моќта во овој процес, со цел да се намалат можностите од злоупотреба на следењето на комуникациите.

На 1 ноември и официјално почна да функцонира Оперативно-техничката агенција (ОТА), која согласно реформите е медијатор во процесот на следењето на комуникациите. Новата Агенција, која е сместена во просториите на Телеком е медијатор во процесот на пресретнување на комуникациите и треба да биде независна во делот на техничката улога во следењето.

Со формирањето на новата агенција наредбата за прислушувањето од обвинителството оди кај неа, нејзината улога е само техничка, по добивањето на наредбата таа ја само ја вклучува мерката, што подразбира дека го пренасочува сигналот кон корисникот, односно барателот на услугите. Вработените во ОТА не можат да собираат податоци, да слушаат, само можат да го вклучат сигналот. Корисникот, односно барателот, може само да слуша да собира податоци, нема да може да приклучува.

Нејзиниот директор Зоран Ангеловски непосредно пред отворањето посочи дека во Македонија во моментов нема незаконско прислушување.

-Како директор можам да ви кажам на сите, на сите вас, на медиумите на јавноста, дека во моментов опремата е пренесена во ОТА и дека незаконскио прислушување нема, тоа го гарантирам со целиот интегритет, нагласи Ангеловски.

Тој во обраќањето пред надлежната собраниска комисија вети дека ОТА ќе биде транспарентна во својата работа пред комисиите кои ја контролираат нејзината работа.

Освен собраниската Комисија, надлежност во контролата на работата на ОТА имаат и Советот на граѓанска контрола, кој е новина во целокупниот систем на следење на комуникации, како и комисиите формирани од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Дирекцијата за заштита на лични податоци.

Од 1 јуни оваа година, согласно понуденото законско решение, кое веќе е објавено на ЕНЕР треба да профункционира и новата реформирана Управа за безбедност и контраразузнавање, која ќе се нарекува Агеција за внатрешно разузнавање. Со ова се спроведува реформата – УБК надвор од МВР и вработени кои нема да имаат полициски овластувања.

Целта, како што посочи Спасовски неодамна на дебата на Факултетот за безбедност е да се создаде служба, која ќе биде ефикасна, деполитизирана, департизирана, во функција на заштита на државата, нејзините национални интереси и нејзините граѓани.

Каде ќе биде транформираната УБК? На ова прашање министерот Спасовски на предновогодишниот брифинг со новинарите рече: „Подалеку од МВР”. Новата агенција ќе биде сместена на локација, одвоена од МВР, а Спасовски не сакаше да изнесе повеќе детали за можностите каде би можела да биде сместена.

Директорот на Агенцијата го именува и разрешува Владата, има мандат од пет години, со право на уште еден реизбор. Тој согласно понуденото законско решение, кое по празниците треба да се најде во Парламентот, треба да биде именува во периодот од 20 мај до 1 јуни, а ќе има и тројца заменици.

Агенцијата согласно член 15 во предложениот закон има повеќе методи, средства и мерки кои ги користи во својата работа, меѓу нив е и тајното собирање податоци и информации. Тоа го прави со следење на комуникации и собирање на мета податоци, согласно посебен закон, следење и снимање на меѓународен телекомуникациски сообраќај, следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации со посебни технички уреди и опрема, без посредство на ОТА и операторите, користење на тајни соработници, надзор над поштенски и други пратки, користење лица со прикриен идентитет, таен откуп на предмети и документи и прикриено набљудување.

На брифигнот со новинарите Спасовки го појасни делот каде ОТА и операторите не се вклучени во процесот на следење на комуникациите.

-Станува збор за тактичката опрема која кога дојдовме ја запечативме и физички ја сместиме во една просторија за да не може да биде злоупотребна, инаку ќе може секој да ја користи, рече министерот.

Дел од вработените во УБК ќе бидат префрлени во новата Агенција, ќе ги избира специјално формирана Комисија, која најдоцна до 15 мај треба да ја спроведе постапката, а оние вработени во УБК кои нема да ги исполнат условите ќе бидат прераспределени на други места во МВР.

Освен ОТА и транформираната УБК, предвидено е и воспоставување на координација на безбедносно разузнавачката заедница, за што исто така е изготвен посебен закон и е објавен на ЕНЕР. Планирано е формирање на Совет за координација на безбедносно-разузнавачката агенција во кој ќе членуваат премиерот, министрите за одбрана, надворешни работи и финансии, директорите на Агенцијата за внатрешно разузнавање и Агенцијата за разузнавање и раководителот на Сектор-службата за воена безбедност и разузнавање. Со Советот ќе претседава премиерот.

Потреба од борба против организираниот криминал и корупција, ослободена од политички влијанија и притисоци

А реформите се спроведуваат токму во насока да се спречат злоупотребите, организираниот криминал, високата корупција, но колку овие закони и обиди ќе вродат со плод ќе покаже времето, особено во делот на борба против корупцијата.

Спасовски признава дека тука е потребна поголема заложба. Нагласи дека во функција е националниот комитет за борба против корупцијата, како консолидиран систем меѓу институциите, преку кој може да има брза размена на информации и во рана фаза да се детектираат одредени постапки.

-Имаме веќе седум случаи во кои е покрената одговорност, а наредниот период ќе има уште многу други случаи. Ќе има интересни моменти за јавноста, за невладиниот сектор и за сите нас, кои ќе покажеме дека имаме јасна недвосмилена борба против корупцијата, најави Спасовски на недамнешната дебата посветена на ЕУ.

Најмалку можности за работа, додаде тој има во делот на финансиските истраги, бидејќи немало развиен систем за дејствување и тоа не било случај само во Македонија, туку и пошироко во регионот.

-Не постои посветена борба против организираниот криминал ако од криминалците не се одземе неосновано стекнатиот имот. Во таа насока пред нас поставивме цел за јакнење на националните капацитети за спроведување финансиски истраги со истрагите за организиран криминал. Ќе формираме посебни специјализирани единици за водење финансиски истраги во МВР, царинската управа, финансиска полиција и во истражните центри на основните јавни обвинителства, додаде Спасовски.

Се работи и на ефикасен систем за конфискација на имот.

-Во Македонија во изминатите 27 години имаме само три случаи на конфискување на имот, што доволно говори дека таа нашата борба против организираниот криминал не е соодветна, затоа што стекнатиот имот се остава на криминалците, кои понатаму можат да го шират во низа постапки и мрежи на криминално организирање, вели министерот.

Надворешен механизам за контрола на полицијата

Од почетокот на оваа година треба да профункционира и надворешниот механизам за контрола на полицијата или полицискиот омбудсман. Веќе е воспоставено такво одделение во Обвинителството за организиран криминал.

Овој проект се спроведува преку Советот на Европа, Јавното обвинителство за организиран криминал го формирало одделението и тие обвинители ќе се занимаваат исклучиво со работата на полицските службеници.

Спасовски смета дека овој механизам нема да ја ограничи полицијата во нејзината работа, напротив ќе влијае позитивно. Целта е полициските службеници да станат свесни дека нивното однесување треба да биде врз основа на сите правила и прописи, од нивното поведение па се до нивните овластувања.

Уверен е дека во почетокот ќе има обиди за злоуотреба на овој механизам, можно е луѓето за се и сешто да поднесуваат претставки кај Народниот правобранител, но верува дека тој период ќе помине.

Министерот најави и отворање на дебата за изнаоѓање механизми за заштита на полициските службеници, по зачестениот број случаи на напади врз службени лица изминатиот период.

Ветинг – од чистачка до министер

Иако ветингот се најавува веќе одреден период, најверојатно ќе се спроведе следната година. Потребно е прво да се изготви законски решение.

Тоа е сериозен процес, вели Спасовски, кој треба да заврши добро за институцијата, но и процес кој ќе наиде на голем број препреки и одвнатре и однадвор. Нема да биде едноставен и лесен и мора да се води транспарентно.

Ќе се врши по три основи – персонално досие, имотна состојба и критеруми. Ќе се формираат комисии кои ќе работат на ветингот, а ќе има и една надворешна комисија со експерти. На ветингот ќе бидат подложени сите – од чистачка до министер, додава Спасовски.

Зголемување на безбедноста на граѓаните, борбата против тероризмот, кибер безбедноста…

МВР во 2019. со благо зголемување на буџетот, кој изнесува околу 9,8 милијарди денари. Минатогодишниот изнесуваше околу 9,3 милијарди денари.

Зголемување на безбедноста на граѓаните, борбата против тероризмот, кибер безбедноста, контролата на лесно и мало оружје, справување со нелегална трговија со луѓе, но и подобрување на условите за работа за полициските службеници се меѓу приоритетите, кои беа за 2018., а остануваат и за оваа година година.

Една од активностите за зголемување на безбедноста на граѓаните е враќањето на маалскиот полицаец, а како што велат од МВР значително се подобрени и состојбите во сообраќајот преку превентивните активности, но и преку зголемените сообраќајни контроли. Евидентирано е намалување на бројот на жртви од сообраќајни незгоди.

МВР зајакнато работи на борбата против тероризмот, за таа цел е поставен и национален координатор за борба против тероризам и насилен екстремизам, кој раководи со Комитет во таа област. Комитетот континуирано ја следи состојбата во оваа сфера, но од МВР и УБК велат дека намалени се случаите на насилен естремизам, имајќи ги предвид и глобалните случувања на тоа поле. Нема нови случаи на радикализирање на лица со цел нивно заминување да се борат од верски побуди во странски земји. За оваа цел, велат од МВР е потребно јакнење на улогата на локалните совети за превенција, соработка со локалното население, верските заедници, образовните институции, казнено-поправните установи, младинските огранизации.

Во врска со недозволената трговија со оружје донесена е стратегијата и акциски план за контрола на лесно и мало оружје 2017-2021., а во насока на реализирање на стратешката рамка во борба против комјутерскиот криминал на национално ниво донесена е и национална стратегија за кибер безбеденост. Сепак, признава Спасовски, на полето на кибер криминалот земјата треба многу повеќе да зајакнува.

МВР најави дека оваа година ќе продолжат активностите за подобрување на работата на полициските службеници. За 2019. се предвидени околу 70 милиони денари за реконструкција на полициски станици, оваа година се реализирале 22 милиони денари. Од втората половина на 2017 година досега се реконструирани 18 објекти, а оваа година се планирани активности за обновување на објектите на полициските станици во Дебар, Кочани, Крива Паланка, Виница…

Ќе продолжи и набавката на нови униформи, нови интервенти возила за СВР – Скопје, ќе се вложува и во кадровскиот потенцијал во МВР…

Планирана е изграда на нова зграда на Крим техника во рамки на кругот на МВР, која ќе биде серитифицирана лаборатирија и за работа надвор, а како важен проект е и Центарот за странци, кој сега е сместен во пренаменета градинка во Гази Баба.

Спасовски вели дека е во постојан контакт со сите три синдикати на полициските службеници, но оти репрезентативен е Македонскиот полициски синдикат. Реализираено е зголемување на бодовите за полициските службеници, што не било направено од 1992 година, а за оваа година од 1 септември најави пет процентно зголемување на платите на сите вработени во МВР.

Треба да знаете
Последни објави