Продолжен притворот за поранешниот директор на УБК, Атанасовски

Нови 30 дена притвор му одреди кривичниот суд во Скопје на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски, потврдија оттаму за „Макфакс“.

Неговиот адвокат, Јордан Апостолски, за „Макфакс“ рече дека одлуката на првостепениот суд сe` уште не ја добил, но дека ќе ја обжали пред Апелациониот суд.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори икстрага против него откако на едно од рочиштата за настаните од 27 април обвинетиот Александар Василевски Нинџа пред судот рече дека бил соработник на тајната полиција, а дека поддршка за неговото дејствување добивал од Атанасовски.

Оваа изјава обвинетиот Нинџа ја дал уште во обвинителството во јуни 2017, но обвинителката Вилма Рускоска во изјава за медиумите посочи дека чекала обвинетиот да даде исказ и на главна расправа, па да види дали ќе го потврди истото, а во меѓувреме се собирале и други докази против Атанасовски.

Судот го прифати предлогот и Атанасоски од почетокот на декември, минатата година е во притвор во Истражниот затвор во Шутка. Тој на предлог на одбраната, беше сведок во постапката за 27 април, а во судница беше збунет, исплашен и речиси на секое прашање се повикуваше на Законот за тајност на податоци.

Треба да знаете
Последни објави