Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека добил „прекрасно писмо” од севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и оти очекува набрзо да се сретнат.
Трамп истакна и дека со Ким воспоставил добри односи и дека никогаш не ставал акцент на брзината на денуклеаризацијата на Пјонгјанг.
– Ќе договориме состанок со Ким во не така далечна иднина, наведе Трамп.
Тој претходно на Твитер напиша дека е подготвен за нова средба со Ким.
– И јас сум подготвен за средба со претседателот Ким, кој е свесен дека Северна Кореја има огромен економски потенцијал, напиша Трамп на Твитер.
Неговите пораки уследи откако вчера Ким во новогодишното обраќање до нацијата изјави дека е подготвен во секој момент да се сретне со претседателот на САД, со цел да се постигнат „резултати кои ќе ги поздрави меѓународната заедница”.
Но, Ким во исто време предупреди дека ќе бара алтернативен правец доколку САД продолжат да го тестираат неговото трпение и ги остават во сила санкциите кон Северна Кореја.
Ким упати апел до САД да преземат соодветни мерки во замена за преземените чекори од страна на Северна Кореја за денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров.
Севернокорејскиот лидер наведе и дека САД треба да ги прекинат заедничките воени вежби со Сеул и да не расопоредуваат стратешки воени средства во Јужна Кореја.
Ким и Трамп се сретнаа на 12 јуни минатата година во Сингапур при што договорија денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, но преговорите помеѓу Вашингтон и Пјонгјанг со месеци се во застој.