Новинарка од босанскиот медиум „Журнал” успеала да се стекне со диплома од средно медицинско училиште во Сански Мост за само две недели, а притоа не присуствувала на ниту еден час.
Откако на 20 декември минатата година ги предала документите, новинарката Азра Омеровиќ „завршила” училиште и добила диплома со свидетелство за сите четири години со многу добар успех на 3 јануари.
На дипломата на Медицинско техничкото училиште од Сански Мост пишува дека ученичката Азра Омеровиќ запишала „преквалификација” на 22 ноември 2016 година, а дека успешно го завршила образованието на 15 ноември 2018 година.
Според свидетелствата, успешно положила анатомија и физиологија, хигиена со здравствена заштита, микробиологија, медицинска психологија, заразни болести, патологија, хирургија, фармакологија и дека обработила и практична настава.
Приказната започнува во ноември минатата година, кога редакцијата „Журнал” добила документација од полициски и правосудни агенции, во која се наведува дека на подрачјето на Федерацијата Босна и Херцеговина се продаваат дипломи од средни училишта и сето тоа има врска со Центарот за образование од Широки Бријег, поддржани од страна на бизнисмени блиски до Хрватската демократска заедница (ХДЗ) во БиХ.
Документите покажуваат дека парите од Широки Бријег биле користени за основање на средношколски и високообразовни институции во БиХ и дека во овие установи издаваат сомнителни дипломи. Се наведуваат имиња на посредници кои работеле во одредени градови и кои за пари набавувале дипломи.
За сараевскиот регион, бил одговорен извесен Сенад Пехливановиќ од Фојница. Омеровиќ со него имала кус телефонски разговор, а првпат се сретнале во Сараево.
Како што и било кажано во училиштето, за преквалификација е неопходно најмалку една година, меѓутоа, Пехливановиќ можел да го обезбеди тоа многу побрзо за сума од 2.500 конвертибилни марки (околу 1.200 евра) наменети за „директорите и другите”.
На средбата со Пехливановиќ, новинарката одбила да му даде пари однапред, а тој и рекол дека ќе мора да „бара алтернативни решенија” и дека овој пат нема да оди преку Широки Бријег.
На истата средба, новинарката добила „специјален телефонски број”, наменет за договори околу дипломите. Редакцијата на „Журнал” дошла до листа на повици, која докажува дека Пехливановиќ од тој број единствено го контактирал Центарот за образование од Широки Бријег.
Пехливановиќ тогаш на новинарката и рекол дека до 15 јануари ќе добие диплома за средно медицинско училиште на нејзино име.
Омеровиќ на 2 јануари, во 14:46, добила порака од Пехливановиќ дека сé е готово, а предавањето на дипломата било закажано за 3 јануари.
Тој на 3 јануари се појавил на закажаното место со свидетелства и дипломи за завршено Медицинско техничко училиште од Сански Мост – заверени, со воден печат и јасни потписи, како и со оценки, кои новинарката никогаш не ги добила.
По примо-предавањето, новинарската екипа му се претставила на Пехливановиќ, а сè било снимено.
– Господине Пехливановиќ, за жал, не сте уапсени. Ние ова го направивме само за да покажеме дека го правите ова. Само сакавме да покажеме дека ова се прави и дека обвинителството молчи, вели новинарот, кој доаѓа на масата на која седат Пеливановиќ и новинарката на која и ја набави диплома.