ВМРО-ДПМНЕ: Луѓето нема да смеат да работат на тезгите од кои егзистираат со години

Одродената и криминална власт продолжува да ги осиромашува граѓаните. На мета се сите оние кои чесно го заработуваат лебот, немаат за луксузен живот и ги плаќаат своите обврски кон државата, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштение.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев на почетокот на новата 2019 година удрил по пазарите со законските измени донесени од страна на власта.

„Законските измени донесоа драконски казни и нови одредби кои се спротивни на интересите на граѓаните и спротивни на интересите на пазарџиите кои со години чесно го заработуваат парчето леб. Со новите законски измени сите оние пензионери чии пензии се недоволни за да преживеат, луѓе кои најчесто се директни жртви на криминалната транзиција која ја спроведе СДСМ сега нема да смеат да работат на тезгите од кои егзистираат со години. Пазарџиите нема да смеат да продаваат ниту облека на пазарите нешто што е децениска традиција за македонските пазари“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата смета дека сигурно се работи за лични интереси на одреден круг на луѓе околу Заев или пак негов личен за заземање на простор и во овој бизнис сектор.

„Црнилата се насекаде, црнилата се во законските измени на штета на граѓаните, зголемените даноци, маките на пазарџиите и сите анти-реформи кои ги спроведува власта изминативе две години власт“, се додава во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави