Најмалку 4.000 лица со жолти елеци, според полициски извори, излегоа да демонстрираат во Париз. Демонстрантите се собраа во 14 часот на плоштадот пред градското собрание на Париз, пред да се упатат кон Националното собрание, при што беа блокирани на кејот на Сена, јави дописникот на МИА.
Судирите со полицијата избувнаа во близина на брегот на Сена, кога демонстрантите сакаа да поминат преку мостот на реката. Притоа, речен брод беше делумно изгорен. Полициските сили и мобилните жандарми користеа солзавец. Имаше и обиди за палење канти за ѓубре на булеварот „Сан Жермен”. Демонстрантите беа блокирани пред музејот Д’Орсеј, каде имаше силни полициски сили со водени топови.
Тензии исто така имаше и во Бове, Рен, Нант и Руан. Две оклопни возила и два водени топови биле стационирани пред градското собрание на Бордо, откако претходните протести во овој град завршуваа со насилни судири со полицијата.
Ова е осма сабота на мобилизација на движењето „Жолти елеци”.
Бројот на демонстранти, според Министерството за внатрешни работи, до 16 часот не беше соопштен. Според проценките, ширум Франција излегле десетици илјади демонстранти.