Се крчка водич за вино и храна од Тиквешијата. Тој ќе биде своевидна карта според која туристите, ќе можат да се движат по еногастрономскиот пат низ неколкуте општини од регионот. Проектот го спроведува Фондацијата “Тиквешки вински пат” од Кавадарци, со поддршка на Министерството за економија.
-Целта ни е да ги забележиме и спасиме од заборав автентичните, типични јадења кои се приготвувале со години на овој простор,по рецептите на нашите баби. Нешто што може да се најде само во овој дел на Македонија, што не разликува од другите региони и што би го привлекло туристот да дојде токму тука. Да го вратиме сјајот на традиционалните специјалитети кои беа подзаборавени во изминатите години и да му го покажеме на светот нашето еногастрономско богатство, кое заслужува внимание. Да ги извлечеме старите дедови садови за подготовка на вино и храна од подрумите, во кои со години фаќаат пајажини и прашина и да им ја вратиме душата, рече за МИА Виолета Јанкова, директор на Фондацијата.
Целта е, исто така, додаде, да се воспостават стандарди и критериуми за домашните туристички понуди, за да може да се биде конкурентен во светски рамки.
Беше баук, сега сите зборуваат за вински патишта
-Сега сите зборуваат за вински патишта. Кога јас започнав да говорам за тоа пред 12 години, терминот не беше сосема јасен. Сите ме гледаа некако со недоверба. Сега е јасно и се знае дека алтернативниот туризам може да донесе многу за целиот регион. А секоја општина има специфични карактеристики. Велес на пример има интересна стара архитектура, Кавадарци ги има Тиквешко Езеро и Кожуф, Демир Капија клисурата, Росоман праските, Неготино има свои специфики. Покрај винскиот туризам, би било убаво секоја од општините да ги нуди и своите специфичности. И да не се натпреваруваат меѓу себе, туку да настапуваат како регион. Ако Кавадарци го прави “Тиквешки гроздобер”, сите да помогнат манифестацијата да се подигне на повисоко ниво. Ама затоа пак кога ќе биде Велешка питијада или некој друг настан во друга општина, останатите исто така да се насочат тоа да биде успешно. Да се направи распоред на манифестации, а не да има натпревар кој повеќе гости ќе донесе во истиот ден, на пример за Свети Трифун. Треба една општина да го одбележува закројувањето, а сите други да помагаат. Само на тој начин ќе се развие туризмот и општините од регионот нема да си ги делат луѓето меѓу себе. Значи треба заеднички да работат. Така во Кавадарци туристот ќе може да слушне дека во Велес на пример може да најде специфична архитектура па ќе отиде и до таму, бидејќи сите овие општини се тука, во регионот и нивната оддалеченост го дозволува тоа, нагласи таа.
Со неа во целост се согласува и Шовкет Хазари, државен советник за инвестиции и промоција во Министерството за економија. Неодамна на работилница во Кавадарци, посветена на оваа тема, информираше дека секогаш ги поддржуваат ваквите активности што имаат за цел развој на еден регион.
-А овој регион е познат по виното. Виното станува една од најпосакуваните туристички понуди. Во нашата стратегија, виното како туристички производ е еден од петте столбови за развојот на визијата за туризмот во Република Македонија. Винскиот туризам има едно значајно место. Со негов развој, ќе има повеќе вработувања и подобар квалитет на живеење за сите од овој регион, дециден беше Хазари.
Демир Капија-центар за спортско качување на Балканот
Според градоначалникот Лазар Петров, Демир Капија е значителна алка во развојот на винскиот туризам. Во моментов таму има две винарии со производство на висококвалитетно вино, но и со сместувачки капацитети.
-Мислам дека ни фалат некои дополнителни активности, за кои ќе преземеме значителни чекори во 2019 година. За туристите кои доаѓаат во Демир Капија, покрај дегустација на вина, храна и ноќевање, да имаат и други активности кои ќе ги задржат подолго време. Во тоа ќе ни помогнат нашите природни убавини. Ќе се потрудиме да станеме еден од центрите за спортско качување на Балканот, за таа цел имаме планирани активности на демиркаписката клисура. Во план ни е изградба и на набљудувачници, преку кои ќе можат да се видат ретките птици кои се наше богатство. Неопходно е да се вложува и во селските патишта и инфраструктурата, за во напуштените села луѓето кои имаат лозови насади да направат мини винарии. Се со цел да се зголеми бројот на винариите, па и помали семејни винарии да бидат дел од тој вински туризам. Сметам дека уште една работа е многу значајна. Да се направат обуки за познавачи на вина, за да се покрене винската култура кај општото население. Се разбира, во овој регион треба да се даде голем акцент на локалните сорти на грозје, затоа што туристите “каберне совињон’ и “шардоне” може да пробаат секаде. Ако дадеме акцент на наши регионални стари и подзаборавени сорти на грозје, туристите сигурно дека многу повеќе ќе сакаат да пробаат од нив отколку од интернационалните, кои можат да ги пробаат насекаде во светот, рече Петров.
Росоманскиот градоначалник, Бранко Јанев беше категоричен дека Росоман, исто така, има капацитет за развој на винскиот туризам.
-Но, ние за жал не можеме да се пофалиме дека винскиот туризам кај нас е на некое повисоко ниво. На тој план, ги правиме првите чекори. Имаме три винарски визби кои засега функционираат само како винарски визби. Тие прават напори да обезбедат и капацитети за презентација на виното што го произведуваат. Вклучени сме во ИПА прекуграничен проект со Република Грција, насловен “Земја на виното”, вреден над 500 илјади евра. Во негови рамки, ќе реконструираме стара училишна зграда и ќе создадеме простор за промоција и дегустација на вина, но ќе понудиме и шареноликост од гастрономски специјалитети, препознатливи јадења од нашиот крај, соопшти Јанев.
Неискористени средства од фондови се враќаат во ЕУ
Ѓоко Данаилов, член на Управниот одбор на Фондацијата, ја поздрави работилницата и рече дека доста е постигнато врз развојот на свеста за винскиот туризам кај луѓето, особено од страна на Фондацијата “Тиквешки вински пат”. Нагласи дека сите овие напори кои ги прави Фондацијата како пионер во оваа област, се за голем поздрав.
-Како поддршка на овој вид туризам треба да се искористат и средствата кои ги нуди ИПАРД програмата. Во областа на руралниот туризам, диверзификација на земјоделското производство, додавање на вредност на тоа производство. Тука можат да се вклучат винариите, земјоделските стопанства, земјоделските фамилии. Да се направат обиди за понуда на угостителски и други видови на услуги, во склоп на самите земјоделски фарми. Во некои земји во Европа, тоа многу убаво функционира. Треба нивните искуства да се применат и кај нас. Што повеќе винарии, физички лица, фирми и угостителски објекти да конкурираат и да ги искористат овие средства. Затоа што тие на сите ним им следуваат, а така неискористени, во голем дел се враќаат во Европската Унија. Преку оваа програма, на инвеститорот му се враќаат шеесет проценти од инвестицијата. Тоа не е за занемарување, забележа Данаилов.
Присутните на средбата може да слушнат меѓу другото и за фондовите кои можат да се црпат во оваа туристичка област како домашни, така и странски. Ги има доста, беше речено, а уште повеќе би требало да ги има во иднина.
Јанкова се осврна на тоа дека секоја година Министерството за економија и секторите за индустриска политика и туризам имаат мали грантови.
-На пример Министерството за економија поддржува манифестации. Секторот за индустриска политика поддржува регистрирање на патенти, развој и дизајн на производ, вмрежување за заеднички настап и тука можат да конкурираат претпријатија. Сметам дека сепак три, четири или пет илјади евра се сепак некоја помош. Ако ништо друго, барем некој дизајн да развиете или да истражите некој пазар што сакате да го истражите. Секоја година се доделуваат, а мислам дека не се искористени до крај. Во моментов ја преместуваме канцеларијата на Фондацијата од едно на друго место. Секој што сака ќе може да се обрати кај нас и ќе му дадеме информации каде може да аплицира. Како излегуваат повиците, ќе им ги праќаме на мејлови на сите заинтересирани и ако им треба помош за апликација, ќе помогнеме колку можеме, рече таа.
Несфатливо е пет општини да го слават “Свети Трифун“
Беким Хаџиу, раководител на Секторот за туризам при министерството, во делот на програмата за развој на туризмот, кажа што се планира за 2019 година.
-Во нашата програма ќе има субвенции за општините за изработка на локални стратегии за туризам. Оваа година имавме седум општини, за наредната предвидуваме уште десет. Ќе има сигнализација на локално ниво, во делот на туристичка сигнализација ќе можат да алицираат сите општини со идеи и проекти, околу тоа каде треба таква сигнализација и колку средства им требаат. Министерството обезбедува доста голем фонд за таа намена. Во делот на водичот веќе планираме изготвување на вински водич, но добра е идејата тоа да биде и гастрономски водич затоа што така ќе биде и покомплетен и покорисен за туристи. Секоја година организираме обуки од областа на туризмот и идејата на градоначалниците дека треба обуки веќе го забележв како приоритет, така да може и тоа да се стави во програмата за наредната година. Исто така ние имаме и доста други активности, поддршка на манифестации и проекти од областа на туризмот, каде што не само општините, туку и невладини организации и фирми можат да аплицираат со нивни проекти по јавните повици, кои се објавуваат за добивање на средства од Министерството за економија. Веќе од јануари ќе почнеме со поддршка на манифестации. Средствата ќе бидат многу поголеми. Со намера ние да бидеме како партнери на тие манифестации, а не симболична поддршка како што беше досега. Ќе бидеме навистина поддржувачи на тие манифрстации, рече Хаџиу.
Зоран Николовски, член на Фондацијата, претставник од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија, информираше дека се работи на делот на промоција и на маркетинг.
-Нашата главна приоритетна дестинација ни е Република Македонија. Регионот и општиниве влегуваат во таа наша промоција. Она што ние го промовираме е микро, регионалниот и националниот концепт на промоција и маркетинг на државата. Имаме дел и производство, имаме посебна брошура за виното и руралните прозводи, потоа имаме претставување на регионите, правиме поддршка на разни проекти. Еден од проектите кои ги спомена градоначалникот на Демир Капија е многу значаен. Мислам дека во тој поглед Демир Капија ќе стане лидер на Балканот, ќе се работи двегодишен проект за поставување на преку 120 насоки за спортско качување. Демир Капија на тој начин би станала навистина лидер во регионот во тој вид на спорт. Со велосипедски и пешачки патеки, исто така, доста е опфатен овој регион. Морам да кажам дека бирократијата малку кај нас е за жал се уште на високо ниво и тие некои законски пречки што постојат во одредени законски регулативи, без разлика дали е тоа во носење на урбанистички планови, мислења, од елаборати за живоитна средина или слично, малку ги попречуваат тие проекти, соопшти Николовски.
Треба да се користат, додаде и тој, различните фондови.
-Кај ИПАРД има разочарувачки податок кај туризмот. Не знам ни дали десет проценти е искористеноста на тие средства. Една од причините е што најпрвин треба да се имаат пари за целата инвестиција, па да се вратат половината или шеесет проценти од вложените средства. Потребна е огромна документација. Претходно беше пречка што во руралните средини бараа урбанистички планови, а без нив немаше инвестиција. Спонзорираме и промовираме манифестации, но несфатливо е за мене пет општини да го слават “Свети Трифун” и гроздоберот и претставниците на институциите не знаат како да се поделат и каде да отидат. Убаво е да се поделат тие манифестации помеѓу општините. Така преку виното и преку разни мали специфични производи микро дестинации, да се промовира регионот. Сите општини се или транзитен или земјоделски вински регион, но секоја од нив има компоненти кои ја издвојуваат од другите и кои може да се промовираат. Мислам дека тука треба да биде ставен главниот акцент. Човечкиот ресурс во туризмот и угостителството е главниот фактор, нагласи Николовски.
Водичот за вино и храна ќе им овозможи на туристите да знаат меѓу другото, каде може да пробаат на пример вино од автохтона сорта на грозје станушина, а каде тиквешки сом. Да ја слушнат приказната за најстарата винарска визба на овие простори, но и да дегустираат маџун, рванија и што ли уште не. Прсти да излижеш.