Поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ајакс, Барселона и Баерн Минхен, Луис ван Гал, верува дека Ливерпул по 29 години ќе го прекине постот и ќе ја освои Премиер Лигата, пренесе „Скај Спортс”.
Ван Гал, кој во мај 2016 беше разрешен од позицијата менаџер на Манчестер Јунајтед и тоа по освојувањето на ФА купот, верува дека „црвените” се најсилни оваа сезона.
– Ако би требало да ги ставам моите пари на кој тим ќе ја освои лигата, тоа би било Ливерпул, изјави Ван Гал.
Холандскиот експерт верува во избраниците на Јирген Клоп, без оглед на тоа што мисли дека Манчестер Сити, кој победи на дербито на „Етихад” со 2:1, има квалитетни играчи.
– Тимот на Ливерпул е базиран на највисок квалитет кога станува збор за нивните играчи. Факт е дека Манчестер Сити има подобри играчи. Во исто време, тоа е, слабоста на тимот на Гвардиола. Тој ги тренира своите тимови да играат само офанзивно. Секогаш. Кога треба да се бранат, изгледаат ужасно. Ливерпул има тим кој е во состојба подобро да се брани, рече Ван Гал.
Ливерпул досега покажа дека има најсилна одбрана. Тие примија само десет гола во 21 натпревар, додека „граѓаните” капитулираа 17 пати.
– Клоп ги тренира неговите играчи да бидат максимално борбени, без разлика дали ја имаат топката во своите нозе или не. Тоа е она што му недостасува на тимот на Гвардиола, заклучува Ван Гал.