По шести пат синоќа на плоштадот „Никола Мартиноски” во центарот на Крушево се одржа традиционалната манифестација „Дева” во пресрет на големиот празник Божик.
Според Билјана Стојаноска, од Локалниот младински совет од Крушево кој годинава е организатор, а е на иницијатива на младите од средното училиште „Наум Наумоски Борче”, обичајот е единствен во земјава. Велат се празнува само во Крушево и Витлеем.
-„Дева” е еден од најзначајните празници и обичаи за Крушево и крушевчани, бидејќи на уникатен начин ги претставува културата и традицијата на градот. Она што е важно да се знае е дека само во Крушево и во Витлеем се празнува овој празник, односно најавувањето на раѓањето Христово. Младите момци заедно со витлеемската ѕвезда, тоа е црвената ѕвезда, шестокрака и со песната „Дева, Деване”, шетаат по крушевските куѓи и така на домаќините им го најавуваат раѓањето Христово. Учениците од средното училиште „Наум Наумоски – Борче” ја увидоа потребата од овој настан и пред шест години го почнаа проектот „Дева во чест на новото раѓање”. Годинава Локалниот младинскио совет од Крушево се појавува како еден од организаторите. Ние сакаме да ги поддржиме ваквите иницијативи кои помагаат да се зачува културното богатство, промоција на нашата традиција и привлекување голем број туристи, објаснува Стојаноска.
Обичајот „Дева” го привлече вниманието на крушевчани и на посетителите кои, велат надлежните, овој празничен викенд со преку 80 отсто ги исполнија капацитетите во Крушево.