Демонстрантите од движењето „жолти елеци“ во саботата во Париз палеа мотоцикли и барикади на булеварот „Сен Жермен“ на маргините на протестот против високите трошоци за живот и наводната незеинтересираност на претседателот, Емануел Макрон.
Најновите вчерашни протести на „жолтите елеци“ започнаа мирно, но ескалираа попладнето кога демонстрантите почнаа да фрлаат со тврди предмети кон полицијата, која ги блокираше мостовите на реката Сена, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Камерите присутни на протестот регистрирале момент во кој еден од демонстрантите со голи раце нападна униформиран полицаец.
Полицајците фрлаа солзавец со цел да ги спречат демонстрантите да ја преминат реката и да стигнат до Националното собрание.
Два месеци откако почнаа да ги блокираат улиците, патиштата и наплатните рампи ширум земјата што кулуминираше со насилни протести во Париз, „жолтите елеци“ сакаат да му дадат нова динамика на движењето кое ослабна за време на божикните и новогодишните празници.
Немирите произлегоа од гневот за најавените поскапувања на горивата, а потоа се проширија и на проблемите на слабо платените работници и уверувањето дека Макрон е глув за потребите на просечните граѓани, поради тоа што воведува реформи за кои многумина сметаат дека одат во прилог на богатите слоеви.
Владата на Макрон, потресена од немирите, неделава зазеде построг став, нарекувајќи ги агитатори оние демонстранти кои и натаму се на улиците, додавајќи дека нивната цел е да ја соборат владата.