Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски очекува голема победа на партијата на претстојните претседателски избори, рече лидерот на опозицијата пред Соборниот храм во Скопје каде присуствуваше на божиќната литургија.
-ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која транспарентно се обраќа кон граѓаните и кон сите оние заинтерсирани кандидати кои сакаат да аплицираат на конкурсот, а се разбира ги исполнуваат условите кои што се со закон пропишани. Конкурсот трае до 31 јануари и тогаш јавноста ќе знае кои се имињата кои се пријавиле на тој конкурс. Од пријавените кандидати на конвенцијата ВМРО-ДПМНЕ ќе избере оној кој ќе понуди најдобра програма, рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека претседател во РМ, се станува кога мнозинството граѓани во РМ ќе ја дадат довербата, на оној кандидат кој ќе освои најголем број од гласовите на сите етнички заедници во Македонија кои што ќе излезат да гласаат и тој ќе биде и претседател на РМ.
Посочи дека имаат редовна комуникација со претседателите на политичките партии од албанските етнички заедници и дека иако тие средби не се официјални, се одвиваат на различни нивоа, вклучувајќи и на претседателско ниво.
-Останувам на принципот дека во ова држава граѓаните треба да ги делиме на оние кои се лојални и не се лојани, а не според етнички принцип и етнички клуч. Тоа беше грешка во минатото, се злоупотребуваа етничките заедници. Тоа не треба да биде пракса во иднина. Во Македонија треба да победи претседателски кандидат кој што ќе го освои мнозинството гласови на граѓаните, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.