Продолжениот престој наменет за ученици со попреченост е прв од ваков вид што ќе се изгради во Куманово и ќе функционира по принципот на целодневен престој во градинките. Учениците ќе имаат можност да останат во престојот, да добиваат оброк, со нив ќе работи стручен тим. Родителите на децата со попреченост ќе имаат можност да ги остават згрижени своите деца и да бараат работа, а со тоа и да ја подобрат финансиската состојба во семејните буџети.
Градежните активности за изградба на објектот почнаа во септември, 2018 година. Реконструкцијата е завршена и доградбата опфаќа околу 150 метри квадратни, простории наменети за продолжен престој на овие ученици. Доградбата е дел од објектот каде настава следат ученици во посебните паралелки, познат во јавноста како поранешно училиште „Карпош” во центарот на Куманово. Според надлежните институции се очекува да завршат процедурите за да може да отпочне со работа центарот што го гради Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на општината, по претходно изработен проект на основното „Браќа Миладиновци”.
-Ова е добра можност за родителите на учениците кои следат настава во одделенијата на посебни паралелеки со различна попреченост од лесна интелектуална попреченост до церебрална парализа да ги остават своите деца во центарот и мирно да ги извршуваат своите обврски. Но, уште поголема можност за учениците полесно да ги совладаат пречките, да се стекнат со дополнителни знаења и вештини и да се вклопат во општеството-вели дефектологот во „Браќа Миладиновци”, Андријана Владимирова Тасевска.
Во ова училиште настава во посебните парлелеки од прво до деветто одделение следат 55 ученици, распоредени во одделенија од по три до десет ученика.
Таа пет години работи со овие ученици и вели дека напредокот е евидентен, како во образованиот процес кој се реализира согласно дадената програма, но особено се забележува напредокот во однос на стекнување социјални вештини и други навики.
Нејзината колешка, Милена Илиќ Пешиќ, со 15-годишно искуство, забележува дека кога учениците се вклучени во образовниот процес и кога се работи со стручни лица напредокот кај децата со попреченост е правило.
-Некогаш тоа е чекор по чекор, но треба да бидеме трпеливи, но кога се вложува труд и од страна на службите и од страна на родителите има напредок. Многу е важно да се увидат потенцијалите на детето, не неговите пречки, да му дадеме можност да ги развие потенцијалите, да го поттикнуваме, вели Пешиќ.
Центарот ќе понуди место и за оние деца кои никогаш не биле опфатени во образовниот процес, ниту пак биле дел од двата дневни центри за лица со попреченост кои функционираат на подрачјето на градот.
-Како локална заедница и како држава треба да се стремиме да им помогнеме сите, посебно на овие деца, вели Пешиќ.
Центарот ќе понуди можност и за оние деца кои никогаш не излегле надвор од своите домови.
Анита Цветковска е родител на дете со церебрална парализа. За нејзиниот син Лука се грижи лице, приватно ангажирано од семејството, бидејќи Цветковска е вработена како професор во кумановската гимназија.
-Ние можеби сме едно од оние семејства кои имале можност приватно да ангажираат логопеди, дефектолози. Се обидовме да дојдеме и во училиште, но не ги задоволуваше критериумите на деца со потешки пречки. Сепак, ова е училиште, а на овие деца им се потребни и негувател, покрај стручните дефектолози и логопеди, појаснува Цветковска.
Центарот, вели оваа родителка е нешто што како граѓани го барале со години наназад и се надева дека ќе понуди соодветна грижа за овие деца.
-Потребно е овој центар соодветно да функционира, да бидат ангажирани стручни лица, негователи, дефектолози, логопеди, да биде понудена физикална терапија, медицински сестри. Тоа е она што име потребно да овие деца да се чуствуваат дека се на вистинско место, вели Цветковска.
И особено е значајно за родителите кои досега не работеле, ќе добијат можност да побараат работа, додека децата се згрижени. Таа додава дека надлежните можат да размислат и за превоз за овие деца кои ќе го користат центарот.
-Многу е битно не само за едукација, туку пред се за социјализација. Има деца кои цел ден се во четири ѕида. Има доста голема број деца со различни дијагнози во Куманово и можат да го најдат своето место во ваков дневен центар, вели Цветковска.
Родителите посочуваат дека вакви центри или какви било центри треба суштински да работат и да бидат обезбедени соодветни услови и ангажиран целокупен кадар кој ќе понуди соодветна грижа.
Ова била и замислата на проектот со кој аплицирало училиштето „Браќа Миладиновци”, појаснува директорката на училиштето, Марина Манојловска. Таа вели дека и доградбата и опремувањето на центарот го завршило ресорното министерство и општина Куманово.
-Просторот е современо уреден, очекуваме МТСП и општината да најдат начин како ќе функционира центарот, како ќе се одвива работата, вели Манојловска.
Ова е прв ваков центар што ќе се отвори во Македонија, искуства нема од каде да се црпат, но идејата е да се помогне на овие деца и на родителите да им се пружи соодветна грижа и едукација.
Првпат оваа идеја потекнала од средбите со родителите и тимот од посебните паралелки уште од 2012 година.
-Ваков центар е почеток за решавање на потребите на децата и е клучно за развој на нашата заедница, додава Манојловска.
За изведување на градежни работи за адаптација на простор за Центар за продолжен престој на ученици вклучени во специјални паралелки и инклузивно образование и за дневен престој за деца со попреченост вон образовниот процес во Општина Куманово потрошени се вкупно 1.602.632,34 денари, додека за набавка, испорака и монтажа на опрема потрошени се 1.093.682,00 денари од буџетот на МТСП, соопштија од Министерството.
–Центарот ќе функционира на начин што центарот на корисниците ќе им обезбеди стручна помош во однос на стекнување на знаења, совладување на наставната содржина и помош во изготвување на домашните задачи за тие ученици кои посетуваат настава, како и стручна работа со сите корисници и неколкучасовно згрижување на истите, а се со цел нивна социјализација и интегрирање во општеството, се наведува во информацијата на МТСП.
Потребите на овие деца е поинаква и затоа наша обврска, велат соговорниците, како општество, како поединци, локална заедница, држава е да се подобрат условите каде што овие деца ќе добијат можност за напредок, за стекнување вештини и знаења, за квалитететно поминато време.
Социјализацијата е клучна и важно е да се овозможи на овие деца да имаат пристап до свои типични врсници, за да можат да научат ново, да се дружат, да излезат надвор од дома, родителите да се запознаат со други родители кои се соочуваат со слични предизвици, да разменат искуства, да остварат контакти, да најдат заеднички решенија и да се пружи адекватна стручна помош.