Околу 500 деца речиси од цела Македонија денеска се дружеа, се радуваа на традиционалниот заеднички свечен Божиќен ручек во Прилеп.
Децата од Прилеп, Скопје, Битола, Крушево, од Штип, Демир Капија и од други градови, децата од сите верски заедници во земјава беа заедно, се дружеа, радувајќи му се на празникот и упатувајќи ги пораките за радост, среќа, за безгрижно детство.
Според Александра Северкоска Стојаноски, извршен директор на невладината Детска амбасада за сите деца во светот, пристигнаа сите поканети околу 500 деца од Македонија.
– Оваа традиционална божикна манифестација е под мотото „Сите деца под едно небо”. Целта се исполнува – децата да се дружат, да почувствуваат радост на овој голем празник, Северкоска Стојаноски.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски кој на децата им подари новогодишни пакетчиња порача оваа година да биде на заедништвото и хуманоста.
– Им го честитам Божик, Христовото раѓање на сите граѓани. На децата мора да им се оддаде признание и чест што се заедно и ги искажуваат радоста и среќата од тоа заедништво. Затоа, оваа да биде година на заедништвото и на хуманоста. Тоа ќе биде нагласено со сите пораки, а ние како локална самоуправа сесрдно ја поддржуваме манифестацијата, рече Јованоски.
Децата изразија задоволство што се поканети и присуствуваат на овој ручек.
-Многу ни е мило и сме среќни што еве, првпат сме поканети на овој свечен Божиќен ручек. На сите им посакуваме среќни празници, рече Искра Постолова од Штип.
Среќа, мир и радост им посака на сите Филип Каров од Штип.
-Втор пат сум овде со другите деца. Многу е убаво, се дружиме. Ми се исполнуваат новогодишните желби, а така сакам да им биде и на другите деца, изјави малата Исидора Петреска од Прилеп.
Божиќниот ручек го благослови владиката Петар. Се пееја божиќни песни, Членовите на студиото „Зодијак” од прилеп ја направија поворката и пред импровизираната пештера ја искажуваа радоста од Христовото раѓање.
Организарот, Детската амбасада за сите деца во светот годинава, признанието „Орден на мирот” му го додели на првиот човек на „Алкалоид”, Живко Мукаетов кој честитајќи им го Божик на децата, порача дека останува соработката на комапнијата со Детската амбасада, се за да им се помогне на сите деца.