Денешниот обид за државен удар во Габон, поттикнат од група на воени команданти, е официјално ставен под контрола, објави портпаролот на владата.
„Владата функционира, институциите функционираат“, изјави Гај Бертранд Мапанго за „Франс 24“. Претходно за агенцијата „Ројтерс“ изјавил дека четворица од петте команданти кои ја окупирале државната радио станица се притворени.
На станицата, командантите прогласија незадоволство од претседателот Али Бонго, кој во Мароко се опоравува од мозочен удар.
„Новогодишното обраќање на Бонго ги зголеми сомнежите за способноста на претседателот да продолжи со исполнувањето на своите обврски“, изјави полковникот Кели Ондо Обијанг, кој се претстави како командант на Републиканската гарда и шеф на самопрогласеното Патриотско движење на безбедносните сили на Габон.
Претседателот Али Бонго, кој на таа позиција е веќе 10 години, е надвор од земјата од октомври минатата година. Тој на жителите на Габон им испратил новогодишна честитка од болница во Мароко.
Неговото семејство владее со оваа држава богата со нафта речиси половина век. Бонго на позицијата го наследи својот татко Омар, кој почина во 2009 година. Неговиот реизбор во 2016 година беше проследен со наводи за изборна измама и насилни протести.
Габон или официјално, Габонска Република е држава во Централна Африка. Државата се граничи со Екваторијална Гвинеја на северозапад, со Камерун на север и со Република Конго на исток и југ. На запад Габон излегува на Атлантскиот Океан.