Жаклин Адес од Аризона неодамна е уапсена бидејќи на мажот кој го запознала преку интернет и со кој излегла само еднаш, му испратила 159.000 пораки откако ја одбил за да се видат повторно.
Десет месеци по средбата, Жаклин продолжила секојдневно да му испраќа пораки на мажот, а вкупно напишала 159.000 пораки, од кои повеќето биле вознемирувачки.
Мажот ја повикал полицијата кога Жаклин го паркирала автомобилот пред неговата куќа и одбивала да си замине дома. Истата ситуација се повторила неколку месеци подоцна, кога полицијата ја одвела жената. На крајот, таа била уапсена бидејќи ја пронашле додека се капе во неговата када.
Жаклин е задржана во полицијата, а на нејзиното седиште во автомобилот бил пронајден голем месарски нож.
„Мислам дека во својата глава го замислив целото сценарио во кое јас живеам во неговата куќа, па едноставно сакав да се придржувам до улогата“, им рекла на полицајците. Службениците велат дека Жаклин покажува знаци на ментална нестабилност.
Според изјавата на мажот, таа дневно му испраќала 500 пораки, од кои дел биле многу морбидни.
„Би направила суши од твојот бубрег и би го јадела со стапчиња направени од твоите коски“, „О, што сѐ би направила со твојата крв, би се капела во неа“, „Немој да ти падне на памет да ме оставиш. Ќе те убијам“, гласеле дел од пораките.
Жаклин подоцна во полицијата рекла дека нешто ја обзело и дека никогаш не би му наштетила.
„Во ред е ако не ме сака. Некој друг би требало да го сака. Тој има толку љубов која треба да се сподели. Пресладок е. Не ми се верува дека го исплашив“, рекла во полицијата.