Доделени над 400.000 евра за субвенции на мали и средни фирми

Министерството за економија известува дека согласно Јавниот повик за субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2018 година, („Службен весник на Република Македонија“  бр. 17/18, 130/18 и 218/18) доделени се средства во вкупен износ од 26.134.301 денари на вкупно 107 претпријатија. Средствата се неповратни и се доделуваат за набавка на опрема, машини и помошни средства кои се користат во фирмите. Максималната сума која може да се добие е 300.000 денари. Според списокот на фирми кои добиле неповратни средстваможе да се види дека ги има од скоро сите дејности.

Дадени се пари за набавка на опрема на бурекџилници, сервиси за поправка на моторни возила, текстилни фирми, набавка на фотографска опрема, но и за мали компании кои се занимаваат со ИТ технологија.

Овие мерки имаат цел да ги поттикнат фирмите во нивниот развој и конкурентност. Нашата цел беше што поголем број на мали и средни претпријатија да добијат можност да ги исползуваат средствата и да имаат корист од мерките. А бидејќи се тие основни двигатели на една економија, среќен сум што придонесуваме во раздвижување на економската база – рече пред извесно време Министерот за економија, Крешник Бектеши.

Бектеши тогаш апелираше до компаниите да аплицираат и за тековните јавни повици за преостанатите мерки со кои нашите мали и средни претпријатија ќе добијат помош во достигнување на што повисоко ниво на конкурентност и остварување на нивните предвидени деловни активности.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави