Концертот на српските солисти Александра Петровиќ и Стеван Каранац кои на 12 јануари ќе настапат во рамките на фестивалот „Охридско лето“ заедно со Српскиот камерен оркестар, заради ниските зимски температури, наместо во црквата „Света Софија“ ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 19 часот, информираат од фестивалската дирекција.
На репертоарот се дела од композиторите Џоакино Росини, Фредерик Шопен, Рудолф Сичински, Фриц Крајслер, Едвард Елгар, Франц Лехар, Петар Илич Чајковски, Пјетро Маскањи, Клод Дебиси, Јохан Штраус и Емерих Калман.
Овој настан во областа на класичната музика, Националната установа „Охридско лето“ го посветува на прерано починатиот градоначалник на Општина Охрид, Јован Стојаноски.
Младата уметница Александра Петровиќ основното и средното музичко образование ги завршила во Ниш, во класата на професорот Гордана Милошевиќ, на катедрата соло пеење. Настапувала во Ниш, на НИМУС, на концертите на Виенските валцери и оперски арии со Видинската филхармонија, со Младинската филхармонија „Наисус“, како и со дувачкиот квинтет „Нишки солисти“. Во моментов е на специјалестички студии на Факултетот за музички уметности во Белград, во класата на професорот Никола Мијаиловиќ. Од 2018 година, Петровиќ е хоноререн соработник на Операта и Народниот театар во Белград. Тенорот Стеван Каранац, музичкото образование го започнува во 2009 године во музичкото училиште „д-р Милоје Милојевиќ“ во Крагуевац. Стилот и техниката на пеење и глума ги усовршува на многу работилници и мајсторски курсеви со плејада успешни пејачи, режисери и актери. Го завршил и курсот за оперски студии „Борислав Поповиќ“ во Народниот театар во Белград. Како активен учесник на интернационални натпревари во Србија, регионот и странство, добитник е на бројни награди, меѓу кои и наградата „Лауреат“. Од 2013 година одржува бројни концерти во Србија и надвор од земјата.
Српскиот камерен оркестар е основан во 1994 година од страна на уметничкиот директор и диригент Ѓорѓе Павловиќ. Оркестарот работи во неколку постави: како гудачки, камерен во мешан состав, мал симфониски, помали камерни состави како дуа, триа, квартети и слично. Специјализиран е за изведување дела од современи српски композитори со традиционални елементи. Освен тоа, на репертоарот на оркестарот се застапени дела од светски композитори од сите епохи, од барокот до денес. Овој состав е добитник на високи оцени од страна на стручната критика, а Култната просветна заедница од Белград му доделила награда за траен придонес во културата за 1995 година.Како потврда за квалитетот за досегашната работа се големиот број трајни снимки за Радио Телевизија Србија, изведби што покажуваат голема техничка подготвеност на ансамблот и високо ниво на музицирање кои се неопходни за да се изведе една ваква сложена работа како што се снимањето концерти во живо. Членовите во оркестарот се успешни уметници кои често настапуваат како солисти.