Тоа што одиме со проекција за раст на БДП од 3,2 отсто за 2019 година, што е многу блиску до проекциите на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), а е пониско од проекцијата на Народната банка на РМ (НБРМ), покажува дека имаме кредибилна проекција, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во коментар на последните оценки на Светска банка во јануарскиот Глобален извештај според кои Македонија лани имаше раст од 2,5 отсто, а во 2019-та ќе достигне до 2,9 проценти.
-Проекциите на релевантните меѓународни институции како Светска банка, ММФ и на домашните како Народната банка се многу блиски до оние на Министерството за финасии. Некои се пониски неколку проценти поени некои се повисоки. Тоа значи дека одиме со многу кредибилна проекција, рече Тевдовски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Од проекциите за раст на БДП, како што додаде, фискално најважно е дали може да ја остварите приходната страна.
-Ние успеваме две години одлично да ја оствариме приходната страна и немаме никаков проблем со тоа, дури полнењето на приходите и даноците беше како што беше нашата проекција во 2018 година, рече Тевдовски и додаде дека претходно години наназад институциите имале голема дискрепанца со најавите од релевентните институции.
Проекцијата на Министерството за финансии за раст на БДП за 2018 година е 2,8, а за годинава 3,2 отсто.