Кенија воведува настава по кинески јазик во своите училишта од наредната година за да ја подобри конкурентноста на земјата и да го олесни подобрувањето на трговијата и поврзувањето со Кина, пишува порталот Кварц.
Институтот за развој на наставните програми на Кенија (KICD) рече дека програмата на кинески односно мандарински јазик е завршена и ќе биде воведена во 2020 година. Учениците во основните училишта од четврто одделение па натаму, ќе можат да го изберат овој изборен предмет, изјави директорот на Институтот за Џулиус Џван за кинеската новинска агенција Ксинхуа.
Џван го објасни воведувањето на кинескиот јазик во училиштата со глобалниот развој на овој јазик и сè подлабоките политички и економски врски меѓу Кенија и Кина. „Местото на Кина во глобалната економија стана толку силно што Кенија ќе има корист ако нејзините граѓани можат да го разберат мандаринскиот”, додаде тој.
Кенија не е првата африканска земја која воведува кинески јазик во училиштата поради растечките економски и политички врски со Кина. Тоа беше веќе направено од страна на Јужна Африка во 2014 година, а Уганда, исто така, планира да воведе мандарински – и тоа како задолжителен предмет – во средните училишта.
Ништо од ова не изненадува со оглед на фактот дека Кина и позајми милијарди долари на Кенија, изгради железничката пруга во вредност од 3,2 милијарди долари меѓу главниот град Најроби и пристанишниот град Момбаса, држува големи културни фестивали во оваа источноафриканска земја, а нејзините компании се вклучени во градежни проекти од автопати до станбени згради. Значајно е дека Кина токму во Кенија го отвори својот прв Конфучие институт, културна институција која има филијали во целиот свет.