Косовскиот специјален обвинител Суљ Хоџа изјави дека од Србија до сега нема добиено извештај за убиството на еден од лидерите на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, што се случи во јануари минатата година во северна Митровица, јави дописникот на МИА од Приштина.
Министерката за правда на Србија, Нела Кубуровиќ денеска изјави дека на косoвските власти им е предаден обемен извештај и соодветните записници во врска со убиството на Ивановиќ, но овие наводи ги демантира Хоџа, кој ја води истрагата за овој настан.
– Се уште чекаме и штом ги добиеме материјалите ќе ги придодадеме на предметот. Меѓу другото, ние побаравме пристап до појдовните и дојдовните повици на телефонот на Ивановиќ и тоа не ни беше дадено минатиот пат, изјави Хоџа за косовските медиуми, додавајќи дека тие податоци ги има српски оператор на мобилната телефонија кој оперира во северно Косово.
Тој прецизира дека единствено што до сега добиле од Белград во врска со истрагата се одговорите на сопругата на Ивановиќ, Милена Богдан, на прашањата кои до српското обвинителство ги испратило косовското специјално обвинителство.
Меѓутоа, вели Хоџа, од одговорите кои таа ги дала не е добиена никаква нова информација која би помогнала во расветлувањето на случајот. Тоа интервју, кое Приштина го добила минатиот месец, е единствениот материјал доставен од Србија во врска со убиството на Ивановиќ, тврди косовскиот специјален обвинител.