Најмалку 14 лица загинаа во снежната бура која во изминатите денови ја погоди Европа, а најтешка е состојбата на Алпите.
Австрија го подигна предупредувањето за лавина на највисоко ниво во неколку региони, а околу 350 жители на германската покраина, Баварија, се затрупани со снег, пренесе „АП“.
Во одредени делови на Австрија и на југот во Германија уште се затворени училиштата, а неколку автопатишта се блокирани.
Како што се наведува, блокиран е патот во близина на Минхен, а спасувачите со камиони се обидуваат да достават храна до завеаните заедници во Баварија.
Австриските медиуми пренесоа дека 62-годишен учител загинал додека се скијал во Австрија, кога паднал и останал закопан во снегот.
Опасноста од лавина се зголеми во текот на ноќта. Како што се наведува, за денеска се очекуваат снежни врнежи проследени со силен ветер, што може да доведе до снежни наноси и движење на лавината.
Освен лавината, и снегот создава проблеми во сообраќајот.
Така, на автопатот А12 во Австрија, поради голема количина на снег се сруши стебло што доведе до потешкотии во сообраќајот. Голем број домаќинства останаа без електрична енергија