Ниските температури кои владеат во Битола предизвикаа дефекти во водоводната мрежа во одредени домаќинства, најчесто од пукање на стаклата на водомерите. Од ЈКП „Водовод“ апелираат граѓаните да ги заштитат своите водомери, бидејќи, како што велат, тоа е единственото алтернативно решение, а за сите дефекти и прекини во снабдувањето со вода да се обратат на дежурниот телефонски број 047238200.
Од ова јавно претпријатие информираат дека е зголемена потрошувачката на вода за околу 25 проценти, односно во одредени делови од денот, особено во вечерните часови, таа достигнува и до 680 литри во секунда.
„Стравувајќи од замрзнување на чешмите и цевките за вода, граѓаните оставаат да тече вода постојано. Апелираме водата да се користи рационално. И покрај ваквите временски услови, снабдувањето со вода е непречено, а во меѓувреме за новонастанати дефекти, граѓаните можат да се јавуваат на дежурниот телефон“, велат од јавното претпријатие.
Според информациите од УХМР, синоќа во Битола биле измерени -15 степени.