Две лица се приведени за нарушување на јавниот ред и мир во тек на протестот за уставните измени што се одржа од денеска пред зградата на Собранието, потврдија од Министерството за внатрешни работи.
Протестот почна напладне, а заврши околу 18 часот вечерва откако по експозето на премиерот Зоран Заев претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека седницата ќе продплжи утре во 13 часот.
Учесниците на протестот најавија дека утре напладне повторно ќе се соберат пред собраниската зграда за да испратат порака против уставните измени. Дел од нив негодуваа на, како што наведоа, бројното присуство на полицијата која ја обезбедуваше собраниската зграда.
На протестите пред Парламентот учествуваа членови на граѓанските здруженија „Македонија блокира”, „Христијанско братство”, партијата „Единствена Македонија”, „Твордокорни”, а на кои подоцна им се приклучија и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и партиското членство.
Дел од учесниците во протестот во еден момент се упатија кон резиденцијата на претседателот Ѓорге Иванов за да го повикаат да им се приклучи.