Портпаролот на СДМ, Костадин Костадинов, го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека не отстапува од намерата да го спречува членството на Македонија во НАТО и интеграцијата во ЕУ и дека стои рамо до рамо со антизападните пиони Бачев и Петровски.
„Мицкоски и антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ имаат само една цел, да предизвикаат тензии, омраза и насилства преку кои ќе се обидат да ја блокираат иднината на Македонија. Мицкоски работи исклучиво по директива на неговите шефови кои се противат на успехот на Македонија и со тоа ги загрозува највисоките државни и национални интереси, а тоа се членството во ЕУ и НАТО. Мицкоски денеска потврди дека стои позади протестите против НАТО и ЕУ на кои се повикува на насилство, се шири говор на омраза и се дејствува деструктивно. Мицкоски стои рамо до рамо со антизападните пиони Бачев и Петровски“, рече Костадинов.
Тој порача дека Мицкоски нема да ја блокира иднината во ЕУ и НАТО и нема да успее да го спречи напредокот на Македонија.
„Граѓаните да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации и сеење омраза. Граѓаните да бидат спокојни и горди, Македонија оди напред, во НАТО и ЕУ, Македонија станува глобална и напредна земја“, рече тој.