ДДВ обврзниците имаат рок до 15 јануари доброволно да се регистрираат во системот на данок на додадена вредност и да ги поднесат документите на увид во Управата за јавни приходи (УЈП). За да оценат граѓаните дали спаѓаат во групата на ДДВ обврзници од денеска на веб-страницата на УЈП им е достапен водич со детални објаснувања преку кои на пластичен начин можат да оценат дали подлежат на обврската или не.
Како што информира министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната прес-конференција, „Водичот за подобро информирање на физички лица за данокот на додадена вредност” е изработен во соработка со УЈП и Групата на граѓански организации кои работат во областа на даночните политики „Цивитакс” и е наменет за подобро информирање на физичките лица за данокот на додадена вредност (ДДВ).
-Целта на водичот е на едноставен начин да ги информира граѓаните дали спаѓаат во ДДВ обврзници, како може да се регистрираат и кои права ги нуди системот, рече Тевдовски.
Тој посочи дека мнозинството граѓани не се и не треба да бидат ДДВ обврзници, бидејќи платите, надоместоците на плати и бонусите не се предмет на оданочување со ДДВ.
-Немаат обврска да влезат во системот на ДДВ ниту оние кои дополнително од платата прават промет од еден милион денари на годишно ниво, односно 83.333 денари просечно на месечно ниво. Тие што вршат промет повисок од тоа треба да видат во водичот дали сите промети им влегуваат во прагот, бидејќи постојат ослободувања и олеснувања, потенцира Тевдовски.
Како пример посочи дека не се плаќа ДДВ за изнајмување на недвижен имот за станбени цели, а не се подлежни кон ДДВ оданочување, како што рече, ни ИТ услугите што се вршат кон странство, како и услуги на доктори, образовни услуги, средства од грантови.
-На барање на граѓанските организации и во соработка со нив Министерството за финансии подготви и две измени во Законот за ДДВ. Со првата подобро ќе се прецизира ослободувањето на образовната дејност во законот, и ќе се надополни и со научната дејност. Втората се однесува на периодот за кој може да се изврши дерегистрација. Во моментов ДДВ обврзниците имаат обврска да останат во системот пет години по регистрацијата. На барање на граѓанските организации, ќе дадеме можност на доброволна основа лицето да може да се одјави по две години, доколку во нив има промет помал од еден милион денари и не остварил поврат на ДДВ, рече Тевдовски.
Овие барања, нагласи дека се прифатливи за Министерството за финансии и УЈП и посочи дека во најбрз можен рок ќе бидат подготвени во форма на предлог измени на законот и поставени на ЕНЕР на јавна консултација.
Претставникот на Цивитакс проф. д-р Марјан Петрески истакна дека првпат се објавува водич кој е подготвен низ консултативен и дебатен процес со заемно слушање на аргументите на страните вклучени во неговата изработка.
-На тој начин дојдовме до текст кој на пластичен начин објаснува повеќе аспекти кои се значајни за физичките лица во системот на ДДВ, односно кога тие се регистрираат, на кој промет плаќаат ДДВ,…, рече Петрески.
Тој посочи дека во водичот се дефинира рамка на самостојните стопански дејности и дополнително се специфицира дека оданочива не е самата дејност, туку прометот на стоки и услуги кој се врши во рамки на дејноста. Во водичот се дефинираат и неколку ситуации во кои не настанува промет, како и кои промети се релевантни за утврдување дали некое лице го надминува прагот за регистрација или не.