Српскиот кошаркар, Никола Јокиќ, уште еднаш потврди дека игра во фантастична форма оваа сезона и повторно беше клучната фигура во победата на својот тим Денвер Нагетс над Мајами Хит од 99-103.
Младиот центар беше незадржлив за домашните кошаркари и со нов трипл-дабл и неверојатен поен во последните секунди го зацврсти Денвер на челната позиција на табелата во Западната конференција. Јокиќ во Флорида го заврши со скор од 29 поени, 11 скока, 10 асистенции и една украдена топка за 40 минути игра, а во редовите на победничката екипа солидни беа уште Мареј (18) и Лајлс со 15 поени.
Кај тимот на Мајами, Волтерс имаше 15, додека Олјиник и Адебајо броеја до 13 поени.
Шампионот Голден Стејт Вориорс ја запиша најубедливата победа од синоќешната програма на НБА лигата, откако со 122-95 го совладаа тимот на Њујорк Никс. Главна ѕвезда кај Воините беше Томпсон, кој постигна 45 поени, а нему го следеа Дурант со 24 и Кари со 14 поени и 14 асистенции. Кошаркарите на Никси немаа своја вечер и единствена светла точка им беше хрватскиот интернационалец Хезоња со 19 поени и 6 скока.
На останатите натпревари Минесота го изненади тимот на Оклахома Сити Тандерс со 117-119, додека Клиперси полесно од очекуваното славеше над Шарлот со 128-109.