За подобро информирање на даночните обврзници – физички лица по однос на правата и обврските кои произлегуваат од Законот за данок на додадена вредност, а воедно и обезбедување на повисоко ниво на услужност и поттикнување на доброволната усогласеност на обврзниците, може да го користат „Водичот за подобро информирање на физичките лица за данокот на додадена вредност“. Во него има информации и упатства за предметот на оданочување со данок на додадена вредност, пресметувањето на вкупниот промет за цели на регистрација за ДДВ, начинот на регистрација за цели на ДДВ, како и појаснувања за останатите права и обврски на даночниот обврзник – физичко лице. Водичот е изработен во соработка помеѓу Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Цивитакс – Група за фискални прашања во граѓанскиот и академскиот сектор и кај физичките лица.
– Доколку според Законот за данок на додадена вредност и дополнителните појаснувања и упатства дадени во „Водичот за подобро информирање на физичките лица за данок на додадена вредност” сте оствариле промет оданочив за целите на ДДВ во износ кој надминува 1.000.000 денари, потребно е да поднесете Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01), стои во соопштението од УЈП.