На отворена сцена се одвива ова пазарење со името и идентитетот, како на тезга, како на див пазар. Заев признава дека ова гласање тука зависи само од судските случаи. Има ли поголемо признание од ова, не само што се пазари туку обвинителството и судството му слугува на тоа пазарење, изјави Христијан Мицкоски, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешниот простест пред Собранието против уставните измени.
Мицкоски истакна дека на Заев му е совршено јасно дека драматично губи кај македонскиот народ и останатите етнички заедници.
– Името не го менуваат затоа што носат подобра иднина, туку го менуваат зошто вештачки, спротивно на волјата на народ, преку уцени и закани собраа 80 пратеници, рече Мицкоски.
Додаде дека Заев не треба да се фали оти патот кон Европа ќе го одблокирал, туку, како што посочи, се рабори за пари, за пусти функции, фотељи, тендери, да продолжи црното владеење.
– Јас сум против промена на уставното име не затоа што не ја сакам ЕУ, таму сум поминал дел од своето школување, туку затоа што ја сакам Македонија и нормално дека патот кон Европа е природниот пат за Македонија и дека тоа е целта кон која мора реално да се движиме, но со овој човек на власт ние сме се подалеку, секој ден и секој изминат час, порача Мицкоски.
Според него, името со дугме не се брише, име со хартија не се менува, тоа е она што сме и она што сме биле и ќе продолжиме да бидеме.
Секој кој тргнал против народот свој, народ ќе му се случи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и порача дека сега е потребно масовно обединување.
Меѓу нас има несогласувања, додаде тој, но сите имаме иста цел и таа се вика Република Македонија, рече Мицкоски.
За осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата рече дека не треба да заборават дека му слугуваат на Заев и рече дека му е тешко кога ги гледа, но не може да им прости.
Мицкоски вети дека тој и ВМРО-ДПМНЕ ќе сторат се за договорот да не се случи и неправдата да биде исправена.