Претседателот на Владата на Република Македонија, во синоќешното телевизиско интервју го потврди очекувањето дека 2019 ќе биде економска година за Македонија.
Премиерот Заев ги посочи досегашните нови 16 странски инвестиции, државната поддршка за 250 домашни компании, растот на платите од 5.6 проценти, околу 40-те илјади нови вработувања, зголемувањето на социјалната помош за 300 проценти, економските и социјалните реформи во функција на праведно и солидарно општество за сите, како сериозен исчекор во подобрувањето на економската состојба во државата и оцени дека НАТО и ЕУ интеграциите ќе придонесат кон посакуваниот економски раст во Македонија.
„Сите индикатори што ги имаме ни даваат за право да ја прогласам 2019 година за економска година, година на економски раст. Само ќе потсетам, мај 2017 година, кога беше формирана оваа Влада имавме минус 1.7 проценти раст, комплетна рецесија. 2018 година ја почнавме со 0.1, второто полугодие 3.1, третото полугодие 3 проценти раст, четвртото очекуваме повеќе од 3.1. Првото полугодие од 2019 што го почнавме, очекуваме 4 проценти и повеќе. Ако навистина го фатиме бранот на НАТО и ЕУ интеграциите, со решени историски крупни политички прашања Македонија има и тоа како одлични шанси за голем економски раст, раст што вистински ќе го почувствуваат граѓаните“, рече премиерот Заев.
Тој наведе дека досега има 16 нови странски инвестиции, 15 лиценци дадени, за медицинско масло од канабис, со 300 вработени засега, со над 100 милиони евра вкупен приход што го остваруваат, дека 250 домашни компании, по Законот за економска поддршка и преку Фондот за иновации и технолошки развој се поддржани, коишто отвораат нови работни места, дека 20 нови фабрики се отворени во индустриските зони во општините.
„Преговараме со џинови странски компании, коишто чекаат дали ова ќе помине и дали навистина ќе има траен мир, безбедност, стабилност“, рече премиерот Заев, кој изрази очекување за економски резултати како што покажуваат искуствата во Бугарија Романија, Хрватска со влегувањето во НАТО.
Премиерот Заев рече дополни дека во Македонија очекува и повеќе заради тоа што паралелно со НАТО интеграциите, државата ги отвора и поглавја со ЕУ.
„За нас е тоа дополнителен, да го наречам меден месец. Затоа што додека преговарате и ги користите кохезионите фондови, компензационите фондови и слично, немате се уште обврска, додека не станете полноправна членка на ЕУ. Сето тоа, и тоа како е финансиска инјекција дома, дополнителни пари дома. Тоа е и една од причините зошто сум на став дека иако има претседателски избори, не треба да одиме заедно на парламентарни избори. Да дадеме шанса за овие две години, после решени вакви прашања, со сите соседи, вклучително и проблемот за името со Грција, на економскиот раст и прогрес на Македонија“, повика премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев соопшти и за резултати во новите вработувања.
„Од локалните избори наваму преку 40 илјади луѓе се вработени, најмногу во приватниот сектор но и во јавната администрација. Младинска гаранција 1.411 луѓе згрижи, тргнаа на работа, преку нивна едукација, тренинг. Преку Агенција за поддршка на вработувањата, преку Агенцијата за вработување, заедно си УНДП имаме преку 1.800 луѓе кои само во последните два – три месеци се тргнати на работа“, рече премиерот Заев.
За вработувањата во јавната администрација тој објасни дека бројката на јавна администрација е помала во 2018 во однос на 2016 година поради иселувањата, дека се пополнуваат испразнети места и тоа само таму каде што има потреба, дека недостигаат информатичари, архитекти, готвачи, келнери, професори по математика, физика, географија и дека целта е квалификуваната работна сила да се задржи во државата.
Премиерот Заев наведе дека Владата планира да го направи тоа со зголемување на просечната плата, на минималната плата, со праведното оданочување, со направените намалувања на трошоците на граѓаните, во планираното враќање на парите кон граѓаните, со што ќе има економско зајакнување на семејствата.
„Просечната плата во октомври е 6.7 проценти поголема од октомври 2016, значи растат и платите во Македонија. Најавивме нов Закон за минимална плата за да правиме притисок на растењето на платите. Бизнисмените мора да споделат од профитот што го остваруваат со работниците. Со новите странски инвестиции коишто ги има, домашните инвестиции коишто се случуваат овде, самиот пазар ќе мора да мотивира менаџерите, газдите да даваат поголема плата на работниците. Зашто има веќе потреба од квалификувана работна сила. Тоа е спиралата на покачувањето на платите“ рече премиерот Заев.
Во насока на подобрувањето на животот на сиромашните додаде дека е зголемена социјалната помош, а мерката е пропратена со брз ангажман на социјално ранливите категории граѓани.
„Да имаме фер и солидарно општество. Направивме сериозни социјални реформи којшто треба да дадат сериозен резултат. На пример, едно просечно семејство од двајца родители и две деца, земаа 3.090 денари социјална помош. Со оваа реформа зголемивме на 11.700 денари, 70 проценти од примателите на социјална помош да ја земаат. Останатиот дел, над 10.000 ќе земаат социјална помош. 300 проценти е тоа зголемување. Ако досега добивале детски додаток 3.200 деца, сега добиваат 73.600 деца. Ако образовен додаток добивале 3.800 деца, сега 63.200 деца ќе добиваат. Самиот буџет на труд и социјална политика е зголемен на 2 милијарди и 200 денари во споредба со 2018 година“, рече премиерот Заев.
Тој објасни дека парите од прогресивен данок ќе одат за социјалата.
„Целта е тие кои имаат повеќе да платат повеќе. А државата преку редистрибутивните механизми на институциите да го помагаме сиромашното, затоа што преку 70 проценти се под прагот на сиромаштијата, а имаме 3-4 проценти екстремно богати. Со прогресивниот данок опфаќаме 9.000 граѓани, 1 процент од тие кои имаат приход. Се работи за оданочување од 90.000 денари нагоре. Информатичарите имаат 59.000 просечна плата. Во здравството каде зголемуваме, платата е до 90.000 специјалистите“, додаде премиерот Заев со тоа објаснувајќи дека мерката е наменета за придонес на најбогатите во општеството.
Премиерот Заев најави дека од први јули стартува новата законска реформа за враќање на 15 проценти од ДДВ-то во секоја сметка кај граѓаните.
Тој потсети дека со ефтината тарифа на струјата сметките за струја се веќе помали за 500, 1000, 1500 денари, дека парите од радиодифузната такса на граѓаните им остануваат дома, дека се намалени казните на фирмите, извршителските трошоци какви што беа се укинуваат. Исто така ги посочи зголемените вложувања во капиталните инвестиции.
„Оваа година има повеќе од милијарда евра, 2019 година, само во патна и во железничка инфраструктура. 400 милиони за Кичево – Охрид којшто беше заглавен проект, го ослободивме, 70 милиони евра за локални патишта, 62 милиони евра за водоводи и канализации, 147 милиони има за втората фаза на железничката пруга на Коридорот 8, почнуваме со Скопје Блаце автопатот, автопатот до Штип до крајот на јануари треба да биде пуштен“, соопшти премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Зоран Заев во телевизиското интервју заокружи дека:
„Целиот пакет на економски реформи, на социјалните реформи треба да создадат амбиент за живот во Македонија којшто ќе биде доволно примамлив, при одлуката на младите луѓе да останат овде. И таргетот над 500 евра плата сакаме да го постигнеме“, наведе премерот Заев посочувајќи дека е можен со сите овие мерки.