Според последните неофицијални информации, дел од Преамбулата ќе биде „граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ, дел од влашкиот народ…”.
Амандманот 36 или членот 49 каде што буквално во самиот предлог стоеше „за дијаспората на македонскиот народ” да е сменето со „дијаспората на македонскиот народ и другите заедици коишто живеат во Македонија”.
Во овие историски денови на нашата Македонија, гледајќи ги предлозите за измени на Уставот, Обединети за Македонија не може, но и не смее да не даде еден најбезбеден предлог за сите граѓани на нашата земја кои искрено ја сакаат и почитуваат.
ОМ јасно и секогаш зборувала и ќе зборува за обединување на целото македонско ткиво, по примерот на соседните земји, но и на модерниот, цивилизиран свет.
Време е да го тргнеме југословенскиот, застарен принцип на гледање на „посебни народи” во една држава и „други заедници коишто живеат во Македонија”. Време е да го тргнеме видувањето дека македонскиот народ, дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ и така натаму, е едно различно нешто, но живее во една иста татковина.
Ако ги набројуваме сите етноси по оваа логика, да има барем еден од друг етнос, ќе се чувствува подолу од другите, макар и да е кажано „и дел од другите народи”.
Советуваме за доброто на нашата земја, за да нема поголеми проблеми во иднина, напоменувајќи ја најдобрата опција за никој да не се чуствува подоле од некој друг, притоа, ако вистински ја сака Македонија, најдоброто решение е следново:
Ако основата на нашата држава е револуционерната борба на нашите предци, Обединети за Македонија, како центар- десно партија која ја почитува традицијата, учи од минатото и се бори во иднина да не се повторат грешките од него, предлагаме ВМРО како организација (не како партија), со сите свои претходни имиња да се внесе во Преамбулата на Уставот и да се земе пример за каква Македонија сонувале нашите предци.
Образложението е следно:
Устав на ТМОРО:
Член 1. Тајната Македоно – Одринска Револуционерна Организација има за цел да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста, извојување преку револуција полна политичка автономија за тие две области.
Член 4. Член на ТМОРО може да биде секој Македонец и Одринец, кој не е компромитиран со ништо нечесно и бескарактерно пред општеството и кој ветува и се задолжува да биде корисен на револуционерното ослободително дело.
Ова нека ни биде пример и основа за тоа каква Македонија сакаме во иднина.
МАКЕДОНСКИ НАРОД е ЦЕЛИОТ народ на Македонија. Сите сме МАКЕДОНСКИ НАРОД, нема никаква потреба да се делиме по етнос или самочуство, бидејќи во минатото секој се чувствувал Македонец (дел од Македонскиот народ), без разлика на кој етнос или неговото етничко самочувство.
Според гласнините, пописот во 2020 ќе биде без графа на етнос. Тогаш, ако одиме попис без етнос, не гледаме потреба од промена на вакви делови од Уставот и ставање на поголем товар на нашата држава.
Ајде конечно да ги тргнеме канџите на југословенизмот и застарениот модел на поделби, дајте сите сложно да сме тоа што сме – МАКЕДОНСКИ НАРОД.