Поради фијаското предизвикано од скандалот со американскиот актер Кевин Харт (39), Академијата за филмска уметност и наука одлучи дека никој нема да го води 91. издание на „Оскар“. Според „Вариети“, наместо еден главен водител, како што е вообичаено 30 години, ќе има дури неколку презентери.
Комичарот Харт одби да ги води Оскарите по протестите поради неговите стари хомофобични изјави на Твитер. Иако на почетокот тој тврдеше дека на никого нема да му се извини поради тоа, подоцна го смени мислењето.
„Решив годинава да не ги водам Оскарите бидејќи не сакам да го ‘украдам’ фокусот од талентираните луѓе, на кои им се наменети овие награди. Патем, искрено ѝ се извинувам на целата ЛГБТК-заедница поради моите бесчувствителни зборови од минатото“, напиша тој на социјалните мрежи.
Кои ќе бидат презентерите на доделувањето, сè уште не е познато.
Освен главниот водител на Оскарите, Академијата воведе и други промени. Имено, преземањето поединечни награди ќе биде претходно снимено и потоа прикажано во рекламните единици. Така, целата распределба ќе трае точно три часа, и сите „здодевни” делови ќе бидат отсечени од него.
Доделувањето на наградата „Оскар“ ќе биде в недела, 24 февруари, а номинациите треба да бидат познати за помалку од две недели. Според критичарите, најголем фаворит за освојувањето на Оскар е филмот „Ѕвездата е родена”, иако не успеа да го добие „Златниот глобус“