Романија, Финска и Хрватска, следните три земји претседавачи со Европска унија најавија дека проширувањето ќе биде еден од нивните приоритети, јави дописничката на МИА од Брисел.
Од лисабонската реформа, земјите претседавачи на ЕУ подготвуваат заеднички програми во тројки, наречени „трио”, во период од 18 месеци. Следните три се Романија, Финска и Хрватска.
Поддршката за проширувањето останува за сите три земји „клучна политика, меѓу другото со цел да им се понуди кредибилна перспектива на проширување на земјите од Западниот Балкан, во рамките на договорените параметри”, најави триото.
Нов самит ЕУ-Балкан, по моделот на Софискиот самит во мај 2018, ќе се одржи за време на хрватското претседателство во текот на првите шест месеци од 2020 година.
Што се однесува до Турција, не се соопштуваат многу детали освен дека Турција останува земја кандидат и партнер на ЕУ.
Врвен приоритет за Букурешт, Хелсинки и Загреб ќе биде зајакнувањето на улогата на Европската Унија на меѓународната сцена.
Во приоритетите се вклучени и земјите од јужното и источното соседство на Унијата, со кои триото сака да ги зајакне политичките, економските, социјалните и културните врски, се најавува во програмата. Што се однесува до Русија, ЕУ ќе го задржи „обединетиот пристап” заснован на принципи, предупредуваат земјите.
Миграцијата, трговската политика, хуманитарната политика, трансатлантските односи се исто така дел од целите на трите следните претседателства, со цел зајакнување на ЕУ на светската сцена.