Тројца пратеници се заклучени во Собранието каде што е присутен и локалниот раководител на ЦИА, Дејвид Стивенсон, и врз нив се врши невиден притисок за да гласаат за уставните измени, обвини лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев.
Имаме информации дека седницата е одложена бидејќи тројца пратеници не сакаат да ги прифатат барањата на Беса и одбиле да гласаат, сега тие тројца пратеници се заклучени во Собранието, каде што е дојден и Дејвид Стивенсон и врз нив се врши невиден притисок, изјави пред демонстрантите Јанко Бачев, претседателот на Единствена Македонија.
Тој побара итно да дојде јавниот обвинител и да даде налог за апсење бидејќи се врши притисок врз тројца народни избраници.
Дополнително, Бачев го повика и претседателот Ѓорге Иванов да дојде и да не молчи бидејќи, како што рече, во Собранието се случува државен удар.
Група граѓани и покрај студното време и снегот и денеска излегоа на протест пред Собранието на Република Македонија против уставните измени. Тие велат дека протестот е за одбрана на македонското име, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ и против, како што наведуваат, „најголемото национално предавство”.
На протестот учествуваат членови на граѓанските здруженија „Македонија блокира”, „Христијанско братство”, партијата „Единствена Македонија”, „Твордокорни”.
Улицата пред Собранието е целосно блокирана, а се забележува и зголемено присуство на полицијата.