Крилото на Беса чиј претседател е Африм Гаши е за уставни измени. Од таму бараат од медиумите двајцата пратеници од другото крило на Беса, чиј претседател е Биљаљ Касами, а со кои наводно се преговара да гласаат за уставните измени на денешната седница, да ги пишуваат со нивните лични имиња.
„Сега, кога е актуелна улогата на пратениците за очекуваните уставни измени, а двајца пратеници, дојдени некогаш од една друга партија во Движењето Беса му се спротивставуваат на овој процес, бараме од медиумите да имаат разбирање за овие разлики и секогаш кога треба да информираат за ставот ‘против’ на тие пратеници, да ги споменуваат преку нивните лични имиња или преку фракцијата која ја претставуваат“, изјави Гаши.
Притоа, тој уште еднаш потврди дека Движењето Беса со своите три пратеници останува силно посветена на усвојување на уставните измени и членството на земјата во НАТО.