Европратеникот од Либералите, Иво Вајгл, во изјава за МИА им честиташе на пратениците за денешното гласање, јави дописничката на МИА од Брисел.
Тој порача дека со гласањето на потребните измени за Преспанскиот Договор во Македонија, а потоа, се надева и во Грција, Европската унија „треба да ги отвори преговорите со Северна Македонија во јуни оваа година, како што и беше ветено на земјата”.
-За земјата која од денес го носи името Северна Македонија, а останува горда татковина на Македонците, Албанците, Ромите и сите други заедници, Собранието донесе историска одлука. Се отвораат вратите за влез на земјата во ЕУ и НАТО, како и перспектива за плодни односи со соседните земји во регионот. Со договорот од Преспа, владите во Атина и Скопје покажаа дека со меѓусебните спорови кои ги оптоваруваат односите можат само да се решат со добронамерни и трпеливи преговори и договори, рече Вајгл за МИА.
Тој додаде дека „по тесното гласење во Собранието, пред земјата и политичките лидери сега стои исклучиво важна задача”.
-Конструктивна соработка и помирување во корист на целата држава и сите нејзини државјани е клучна за државата, изјави европратеникот за МИА.