Шестотини дваесет и две сообраќајки се регистрирани во 2018 година на подрачјето кое го покрива Секторот за внатрешни работи Велес, со три жртви. Се работи за општините Велес, Кавадарци и Неготино.
Портпаролот Верољуб Додевски информира за МИА дека процентот на сообраќајни несреќи е за 3,4 отсто повеќе од 2017 година, кога биле регистрирани 603 сообраќајни незгоди. Споредбено за двете последни години, бројот на жртви е намален за три. За 17 е зголемен бројот на лица со тешки телесни повреди, а за 22 е намален бројот на лесно повредените при сообраќајки.
Бројот на сообраќајни незгоди лани бележи пораст во Велес и Неготино, а опаѓање во Кавадарци. Во Велес во 2018 имало 316, а во 2017, 299 сообраќајки, или зголемување од 5,7 проценти. Во Кавадарци бројот од 180 незгоди во 2017, се намалил за шест во 2018, или се намалил за 3,3 отсто. Зголемување од 6,4 проценти има кај сообраќајните несреќи во Неготино, бројот на сообраќајки од 124 во 2017, пораснал за 8 во 2018 година.
– Бележиме опаѓање на бројот на жртви при несреќи во сообраќајот. Од шест, на три. При сообраќајни несреќи минатата година во Неготино има една жртва, а во 2017 тој број изнесувал четири. Двете години, во Велес и Кавадарци бележиме по една жртва, појасни Додевски.
Кога станува збор за број на лица со тешки телесни повреди, бројките се во пораст во сите три општини. Во Велес тој број пораснал од 25 на 30, во Кавадарци од 11 на 15, а во Неготино од осум на шеснаесет.
– Бројот на лица со телесни повреди има пораст во Велес, но опаѓање во Кавадарци и Неготино. Во првиот случај бројот од 112 лесно повредени се зголемил за шест, а во останатите две општини бројката на лица со лесна повреденост се намалила од 77 на 58 и од 42 на 33 лица со лесни повреди, појаснува Додевски.