Капитенот на ракометната репрезентација од Македонија, Кире Лазаров беше најпрецизен за „жолто-црвените” денеска при победата над Јапонија со 38-29, а веднаш по мечот го потврди мислењето на своите колеги дека победата била остварена потешко отколку што тоа реално изгледало на теренот. Тој сепак изрази задоволство од победата, но не и од играта. Смета дека има работи кои мора да се поправат, сепак се радува што почнавме со победа за поголема самодоверба во продолжение.
– Се подготвувавме многу за овој натпревар и тоа вроди со плод. Не ми се допаднаа некои работи зошто кога имавме водство, гледавме во семафорот и дозволувавме нерезонски шутеви. Сепак ова е голема победа за голема самодоверба, пред сѐ за младите, изјави Лазаров.
Во однос на следниот меч со Бахреин, тој смета дека нема да биде лесен натпревар.
– Мислам дека нема да е лесно со Бахреин. Тие се цврста репрезентација, играа финале против Катар на Азискиот куп, имаат добра екипа. Тие се поцврста екипа од Јапонците. Сега да се одмориме, мислам дека и вие сте свесни дека имаме недостаток во квалитет, тоа можеме да го надоместиме само со патриотизам и со национален набој. Само со таква поставеност можеме да им парираме на Бахреин и на другите репрезентации, додаде капитенот.